Тимот на Пролет денеска ја промовираше книгата „60 Години Пролет“, посветена на досегашното успешно непрекинато функционирање на овој спортски колектив.
Во оваа книга има историски осврт, за почетоците на ракометната игра во Македонија, создавањето на Пролет, битките што се водени на територијата на Југославија, како и за предизвиците и успесите на клубот во поновата историја.
Автори на книгата се колегите од спортскиот портал Екипа: Стеван Цаневски и Владимир Булатовиќ.
На свеченоста на која беше промовирана оваа книга присутни беа бројни ракометни имиња, како претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, Генералниот секретар Филип Милошевски, потоа првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски, како и селекторот на женската репрезентација, Љубомир Савевски, потоа Ванчо Димовски, Горан Кузманоски, Индира и Зоран Кастратовиќ…
Тука беа и претседателот на Пролет, Душко Кадиевски, претставникот на спонзорот на клубот, Владимир Тодоровиќ, како и извршниот директор Сашо Огњеновски.
„Пролет израсна во семејство, кое е повеќе од клуб. Љубовта кон Пролет ја добив од мојот татко Ѓорѓи Огњеновски, кој долго време беше дел од овој клуб. Голема е честа да сум дел од историјата на клубот. Секој член на Пролет, навивач, играч, член на управа е дел од оваа историја. Затоа ова книга ја посветивме на сите минати членови на клубот, но и за идните генерации да се водат по тоа начело – Пролет да го негуваат и да го чуваат таму како што припаѓа. Заедничка желба на сите ни е Пролет да биде уште подобар. Сите екипи што ќе доаѓаат кај нас да се плашат за бодовите, како што и досега, да доаѓаат со страв од пораз. Имавме одлични моменти пред две сезони, кога бевме трети пред две сезони зад Вардар и Еурофарм Пелистер. Посебно сум горд што имаме плејада млади играчи што допрва доаѓаат и се надевам на светла иднина“, изјави Огњеновски.
Во книгата има дел за „Дванаесетте величествени“, големи играчи кои настапувале за Пролет. Од актуелните играчи, големото признание го доби долгогодишниот капитен Ласко Андоновски, покрај кого меѓу „Дванаесетте Величествени“ се најдоа уште и : Душко Јордановски – Дуле Чиче, Стефанчо Коруновски, Љупчо Гочевски – Шљак, Илија Темелковски, Никодин Кокаланов – Мец, Ристо Трпчевски – Буцо, Љуан Чаволи – Лули, Славе Атанасовски – Чаве, Владимир Миљовски – Брле, Мирослав Трајковски – Миро Шумски и Драган Здравковски – Ангор.