Тој е актуелен професор по ракомет при ФФК. Беше селектор и на машката и на женската репрезентација на Македонија, а пред повеќе од една декада кратко и тренер на Пролет, исто како и пред некој сезона. Треба да му помогне на тимот повторно да се врати на победничките патеки и да игра за место во европските купови.
Еден од најстарите македонски ракометни екипи, Пролет сака што побрзо да ја заборави сезонава во која игра за опстанок, и повторно да биде во врвот на македонскиот ракомет. Сигурно останува во Супер лигата, но амбициите се повисоки од годинешните резултати. Првиот чекор кон консолидација скопскиот тим го направи со ангажирањето на репрезентативецот Томислав Јагуриновски, а сега е на чекор и до потпис со поранешен селектор кој треба да седне на тренерската клупа. И нема да застане тука.
Според информациите на 24Ракомет блиску до седнување во тренерското столче е професорот Гино Стрезовски. Контактите се веќе направени, преговорите во поодмината фаза и можно е наскоро да се објави со соработката. Тој би требало да биде иницијалната каписла за враќање на тимот меѓу најдобрите и повторно да се бори за плеј-оф и излез на европска сцена.
Пролет сезонава не успеа да се пласира во плеј-офот и да разигрува за титулата како претходните сезони, а немаше ниту среќа со тренерите. Од клупата раководеа и Андон Бошковски и Зоран Кастратовиќ, но изостанаа планираните успеси. Сега младиот Алексо Лембанов „ги вади жешките костени“, но Пролет сака тој да остане помошник и да го испече занаетот од некој поискусен. Стрезовски би бил и добар учител и тренер. Во стручниот штаб сега е и Илија Темелковски кој и во минатото беше дел од Пролет, а заедно со Стрезовски соработуваа и во репрезентацијата.
Стрезовски пред повеќе од една деценија беше на кормилото на Пролет кога клубот влезе во Супер лигата, и во решавачкиот дуел го победи МРК Вардар, а исто така кратко ги водеше тренинзите и откако Илија Темелковски замина за Еурофарм Работник. Тогаш Стрезовски само ги водеше тренинзите, а на клупата продолжи Никола Матлиевски.
Во својата тренерска кариера Стрезовски бил селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија, во 1997 година и 2005 година. Тој беше селектор и на женската сениорска репрезентација, со која беше дел и од Европско првенство 2012, а на клупски план ги водеше Металург, Работнички, Вардар, Југ и Повардарие, како и женските екипи на Вардар Срем, Гевгелија, Олимпик и Скопје. Има и титули во првенството и Купот.
Стрезовски е претседател на тренерската комисија веќе неколку години работи на усовршување и едукација на тренерите и нивна подготовка пред да почнат да полагаат за Мастер коуч.