Ракометарите на Пролет по поразот кај Вардар, се вратија на победничките патеки во суперлигашкиот плеј-оф, откако славеа на домашен терен против тимот на Струга со 27-21.
Гостите се покажаа како „тврд орев“ и во најголем дел од првото полувреме одржуваа резултатска рамнотежа. Се играше гол за гол до 7-7, пред домашните по интервенциите на Ангелов да поведат со 9-7.
Стружани намалија на 9-8, но неколкуте грешки во финишот на полувремето скапо ги чинеа, па Пролет направи залиха од четири погодоци за 16-12, предност што подоцна ќе се покаже како клучна за исходот на мечот. На пауза беше 16-13 за домашните.
На стартот на вториот дел Пролет се одлепи на плус пет, 19-14 и веќе беше јасно дека стружани тешко ќе направат камбек во овој дуел. Шанса добија ракометарите од двете екипи со помала минутажа, а домаќините рутински ја задржаа предноста до конечните 27-21.