Тимот на Пролет ја забележа и втората победа во подготовките за новата сезона, откако избраниците на Андон Бошковски по тешка борба славеа над Еурофарм Пелистер 2 со резултат 34-33. За Пролет на овој натпревар поради ситни повреди не настапија Жарко Пејовиќ и Михаил Аларов.
Како и на првиот меч со Прилеп, брзата игра и ефикасниот напад беа главна одлика во играта на Пролет. Почетокот мина во знакот на Пролет, откако набрзина се стигна до водство од 7-4, но противникот од Битола успеа да се врати и на одмор се замина со израмнети 17-17.
Егал-меч можеше да се проследи и во второто полувреме, во 45. минута резултатот гласеше 26-26, за Пролет да одигра за нијанса подобро во самата завршница и на крајот да стигне до минимална победа.
До патувањето во Шпанија и двомечот со Гранољерс во рамките од квалификациите за Лигата на Европа, Пролет ќе одигра уште еден контролен натпревар, со скопскиот ривал Бутел.