Ракометарите на Пролет направија изненадување во првото коло од суперлигашкиот плеј-оф и го совладаа составот на Металург со 29-26. По првиот дел избраниците на Никола Матлиески водеа со плус четири, 16-12, во вториот дел имаа и плус осум, а во финишот одиграа искусно и не му дозволија на ривалот да направи камбек.
Металурзите водеа само на стартот со голот на Серафимов, а потоа скоро сите случувања на теренот беа во знакот на домашните ракометари. Направија пресврт и поведоа со 3-1, беше и 10-6, а стигнаа и до највисоки плус пет, 12-7.
Сепак неколкуте грешки на Пролет беа казнети и Металург се доближи на само минус еден, 12-11. Во финишот на полувремето падна концентрацијата кај гостите од Автокоманда и домашните се одлепија на солидни четири гола разлика, 16-12.
пролет- металург
Стартот на вториот дел најави катастрофа за металурзи, откако Пролет поведе со 20-12, а избраниците на Оливер Димитриоски првиот погодок во вториот дел го постигнаа по седум минути игра.
Гостите спеаја да ја преполоват негативата, 21-17, а во продолжение за играше гол за гол, се до 55. минута, кога Шилегов го совлада Ангелов за 26-23. Палевски и Пецаковски погодуваа во финишот и не дозволија Металург да помисли на комплетен камбек, па мечот заврши со 29-26.