Исто како и на првиот натпревар во Велење минатата сабота и на реваншот кој ќе се одигра утре од 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ екипата на Металург одново нема да биде во комплетен состав.
Тренерот Зоран Кастратовиќ се соочува главно со истите проблеми како и пред првата средба бидејќи и за овој дуел дефинитивно останува без услугите на искусниот ракометар, Дејан Пецаковски. Се работи за бек кој има голема улога во одбраната и тој заедно со Велко Маркоски сигурно ќе беше одличен тандем.
Покрај ова останува и понатаму неизвесен настапот на Иракли Кбилашвили. Тој до синоќа не беше пристигнат во Скопје и се обидуваше во Загреб да ги среди документите за претстој. Останува да се види како се одвиваат работите со него и дали ќе може да пристигне навреме за натпреварот, но со оглед на тоа што е една недела без тренинг со тимот ќе биде тешко да може доволно да се користи на оваа средба.
Во секој случај Кастратовиќ се соочува со мали проблеми околу составувањето на тимот за утрешниот дуел, па останува после денешниот тренинг кој ќе биде во СЦ „Јане Сандански“ да се знае кои 16 ќе бидат утре на терен.