Второто полуфинале меѓу Шпанија и Данска кое почнува од 14 часот се очекува да донесе интересна средба и ракомет со многу возбудувања, но јасно е дека на овој дуел ќе има пресметка меѓу европскиот првак од една и олимпискиот и светски првак од друга страна.
Сепак, се чини дека на теренот нема да бидат најдобрите состави бидејќи Данците се соочуваат со проблеми.
Десниот бек, Матијас Гидсел заработи повреда во четврт-финалето против Норвешка и поради тоа не можеше да ја заврши средбата на терен.
„Неговата состојба е подобра, но треба да биде уште многу подобра за да може да се најде на терен. Последниот збор ќе го имаат докторите. Доколку тие речат дека може тогаш ќе игра. Не сакам да ризикуваме ништо со влошување на повредата“, вели селекторот на Данска, Николај Јакобсен.
Гидсел е втор стрелец во репрезентацијата на Данска со 35 погодоци во досегашниот дел на Олимписките игри. Пред средбите од полуфиналето пред него се Сандер Сагосен (Норвешка) со 43 гола, Хампус Ване (Шведска) со 41 и неговиот сонародник Микел Хансен со 40 погодоци.