Проблеми за Борац и Вујовиќ – останаа без еден играч на словенечката граница!

Веселин Вујовиќ нема да може да смета на белорускиот голман Артем Подосинов за првиот осминафинален натпревар од ЕХФ Купот против словенечкиот Горење Велење што се игра денеска.

Иако Подосинов имал виза за држави од Европската Унија, дури и работна дозвола од Романија, а немал проблеми ниту на транзит низ Хрватска, сепак Словенците не му дозволиле да влезе во државата и тој морал да се врати во Бања Лука, пишува „Мондо“.

Директорот на босанскиот тим, Владимир Бранковиќ, истакна дека проблемот е настанат поради вработени во словенечката амбасада во Босна и Херцеговина.

„Ние ја контактиравме словенечката амбасада и пративме список на сите играчи за да избегнеме било какви административни проблеми. Добивме писмен одговор дека за влез во Словенија ни е потребен само негативен ПЦР тест на коронавирус“, вели Бранковиќ.

Подосинов дојде во тимот на Вујовиќ како замена за повредениот Бојан Љубишиќ, но за жал нема да може да помогне против Горење. Натпреварот меѓу тимот од Велење и Борац се игра вечерва од 18:00 часот.