Покрај тоа што екипата на Вардар е ослабена после заминувањето на неколку ракометари таа и понатаму не може да биде комплетна особено на тренинзите бидејќи покрај проблеми со повредите дел од играчите се и болни.
Според информациите кои денеска ги пренесе тренерот Стевче Алушовски, двајца ракометари се вирозни и тие не можеа да работат заедно со другите.
Се работи за главниот дефанзивец во тимот, Глеб Калараш и еден од поискусните, Сергеј Горбок. Двајцата ќе играат в сабота против Монпелје, но прашање е колку ќе можат да помогнат на терен.
„Немаме доволно ракометари за да одиграме квалитетна зона 6-0. На нас е со квалитетна борба да одработиме најдобро“, изјави Алушовски.
Во однос на првата средба одиграна на почетокот на сезоната, недостигат 5-6 играчи во ростерот на Вардар. Добро е познато дека Вардар се врати со победа од гостувањето во 1. Коло.