Сезоната во Суперлигата само што не почнала, а тимот на Металург се соочува со големи проблеми. Двете најголеми засилувања, француските интернационалц Кевин и Оливие Њокас, веќе неколку денови не тренираат со екипата.
Тие играа на пријателскиот дуел со Вардар на почетокот на август, потоа двајцата беа во Струга и беа позитивни на коронавирус, па мораа да минат две недели во изолација.
Двајцата ракометари беа во составот на екипата на турнирот во Атина минатиот викенд, на еден натпревар. Таму Металург славеше против Диомидис, а загуби од Анортозис и АЕК.
Се уште не е познато каков е статусот на браќата Њокас во клубот и дали тие ќе продолжат да го носат дресот. Во ракометните кулоари се шпекулира дека тие веќе заминале од Скопје, но засега нема официјална потврда.
Нема информација ниту дали за нив се платени потребните сертификати за настап во домашното првенство, односно дали се лиценцирани. Во првото коло во домашното првенство Металург треба да игра со Пролет, во недела, бидејќи денешното коло е одложено поради тридневната жалост во државата.
Тимот од Автокоманда претрпе големи промени во летниот преоден рок. Остана без Марко Тарабокија, Даниел Ѓорѓески, Милан Поповиќ, Мартин Серафимов, Момир Рниќ, Мице Шилегов, Василије Калуѓеровиќ, а не е решен ниту статусот на Стефан Додиќ.