Двократниот европски првак Вардар новата сезона ќе ја започне со големи промени и во раководните и во играчките структури.
По една сезона пауза од европските купови, „црвено-црните“ се враќаат и на меѓународна сцена, а Михајло Михајловски откри дека се надминати сите проблеми со ЕХФ.
„Ги надминавме сите проблеми со ЕХФ. Имав состанок со господинот Видерер во мај и добив гаранции дека ќе играме во Европа. Постојат уште неплатени долгови, но тоа засега не претставува проблем. Доколку Вардар стане шампион следната сезона, ќе игра во Лигата на шампионите“ изјави Михајловски.
Нејасна е иднината на регионалната СЕХА лига. Таа ќе продолжи да се игра во Русија и Белорусија, но останува отворено прашањето дали ќе се игра и „јужниот“ дел.
„Ако СЕХА лигата продолжи да се игра, Вардар ќе биде сигурен учесник. Ние сме пет пати шампиони, а и јас можам да помогнам за да се избори место. Сепак, постојат одредени потешкотии. Руската компанија Гаспром како генерален спонзор на лигата во моментов има проблеми со префрлувањето на финансиите за организација на натпреварите на Балканот, па не се знае како ќе биде во иднина“, изјави Михајловски.
Вардар денеска ќе ги започне подготовките за новата сезона со првиот тренинг, а како дел од подготовките ќе настапи на Струшкиот турнир кон средината на август.