Екипата на Пролет дојде до втората победа во Супер лигата, откако на свој терен го совлада Прилеп со 30:25. Пролет во првото коло одигра рутински со Вардар Неготино, додека Прилеп направи изненадување со триумфот над Бутел Скопје.
По израмнетиот старт во спортската сала „Македонско Сонце“, односно по нерешените 3:3, домаќините успеаја да наметнат свое темпо, се одлепија на 5:3, лесно го казнуваа невниманието на прилепчани и кон средината на првиот дел дојдоа до највисоките дотогаш плус три, 9:6.
Во тие моменти, тренерот на Прилеп, Божидар Мојсов, повика тајм-аут, со цел неговите избраници да се вратат во дуелот и да заиграат поангажирано. Прилеп намали на 10:8, беше во позиција да дојде и до гол негатива, но домаќинот се одбрани и со голот на Палевски зголеми на 11:8.
Голем удар за Прилеп беше црвениот картон на левиот бек Никола Цветаноски, па така Мојсов мораше да ротира на левата бековска позиција. Откако Прилеп намали на 11:9, расположените домаќини со серија од 3:0 зголемија на 14:9 и до крајот на првото полувреме имаа активен резултат. Ракометарите на Лембанов на полувреме заминаа со 17:13.
Прилеп на стартот на вториот дел со погодоците на Шабановиќ, Адамчески и Бикоски резултатски се доближи, намали на гол негатива, 17:16. Гостите откако во три наврати промашија за изедначување, тимот на Пролет првиот гол во вториот дел го постигна дури во 40-та минута. По неколку минути беше гостите конечно дојдоа до израмнување 19:19.
Тимот на Лембанов иако имаше 23:20, прилепчани во 52-та минута намалија на 23:22. Дилемите околу победникот беа решени во 55-та минута кога Пролет зголеми на 26:23 и до крајот не дозволи да има било каков пресврт или евентуален камбек на ривалот.
Најефикасен во победничката екипа беше Давор Палевски, постигна пет погодоци. Кај поразениот табор се истакна средниот бек Владан Кастратовиќ, кој исто така беше стрелец на пет погодоци.