Ракометарите на Прилеп го совладаа залетаниот Работнички со 27-24 и остана во трка за место во плеј-офот напролет. Иако на полувреме имаа водство од четири гола разлика, сепак во финишот гостите израмнија и прилепчани мораа добро да се испотат за бодовите да останат дома.
Избраниците на Стојан Петрушевски отворија одлично и поведоа со 1-4, а беше и 2-5. Но потоа се наредија еден куп грешки и прилепчани казнија со серија од пет погодоци за плус два 7-5.
По 10-9 за домаќинот на пет минути до крајот повторно Работнички не реализираше неколку врзани напади и Прилеп обезбеди солидна залиха од четири погодоци пред паузата, 14-10.
На стартот на вториот дел Атанасовски и Савревски погодија за гостите за 14-12, но прилепчани повторно си ја вратија најголемата предност од четири погодоци, 20-16. Упорните ракометари на Работнички намалија на 20-19, има прилика по промашениот седмерец на Чантурија за реми, но не го искористија тој напад.
Сепак го искористија оној на шест минути до крајот, кога беше 22-22 и почнаа возбудувањата. Чантурија од пенал донесе предност 23-22, но брзо следуваше израмнување.
При 24-23, Цинцадзе одбрани зицер, па неговите соиграчи зголемија на 25-23 на минута и пол до крајот. Со погодокот на Бикоски за 26-24 беше клучниот, бидејќи Цинцадзе потоа симна уште еден зицер и ги остави трите бода во Прилеп.
Најдобри стрелци кај победникот беа Чантурија со осум, Шокоски со шест и Андоновски со пет погодоци, а расположен беше и Цинцадзе на голот, додека кај Работнички, Ончев и Атанасовски дадоа по шест, а Крстевски беше стрелец на пет гола.