Ракометарите на Прилеп по двата порази во серија од Астраион и Јуниор Кисела Вода, се вратија на победничките патеки откако на домашен терен го совладаа составот на Алушовски со 31-28 во натпревар од 11 коло од групата 1 во Првата лига.
По малку изненадувачки, гостинските ракометари добро се држеа во поголемиот дел од првото полувреме, а еднаш водеа и со плус три. Сепак домашните заиграа поангажирано пред паузата и обезбедија водство со 16-14.
Во второто полувреме избраниците на Адријано Котевски ја одржуваа разликата, но не можеа да бидат мирни до самиот крај. Ракометарите на Алушовски секогаш беа тука некаде, намалуваа на минус еден, но немаа сили за израмнување или комплетен пресврт.
Најдобри стрелци во домашниот тим беа Јане Јанески со девет, како и Бобан Попов и Филип Пајкоски кои дадоа по шест, додека кај гостите се истакнаа Павле Атанасиевиќ со седум и Филип Петровски со пет голови.