,Знаеме дека Прилеп сезонава започна од нула, се ослободи од неколку играчи, донесе нови и едноставно за добри резултати е потребно трпение. Не постои начин за 2 месеци да се има јасна слика. Треба време за воигрување и максимална посветеност. Ако сме победиле, тоа ќе биде со максимум, доколку сме изгубиле, пак тоа ќе биде со максимум. Во првото коло играме со Бутел Скопје и ќе дадеме сѐ од себе за со победа да ја стартуваме сезоната“, вели Божидар Мојсов тренерот на Прилеп.
Амбициозниот тим на Прилеп во новата сезона ќе биде предводен од Божидар Мојсов, поранешниот асистент на клупата на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер. Битолчанецот, кој минатата година се стекна со највисоката ракометна лиценца, ЕХФ мастер коуч, во новиот предизвик, сега како самостоен тренер, ќе има полни раце работа. Овој 44 годишен тренер е задоволен од прикажаното на неговиот тим во подготвителниот период, во кој Прилеп тестираше со неколку македонски суперлигаши и српскиот суперлигаш Дубочица во склоп на осмото издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“.
Прилеп беше во група со Дубочица, Струга и Скопје, доживеа пораз само од српскиот претставник, додека во дуелот за трето место беше подобар од Еурофарм Пелистер 2.
,,Можам да кажам дека од самиот турнир сум презадоволен, најпрво од пристапот и ангажманот на играчите, нивната борбеност, мотивираност на секој натпревар, желбата да го дадат најдоброто од себе и нивната пожртвуваност. Во екипата како нов тренер сум одлично прифатен, а момците максимално си ги одработуваат задачите. На турнирот дадоа повеќе од потребното, иако само на првиот натпревар настапивме комплетно, на останатите беа повредени неколку клучни играчи. Мислам дека дуелите од овој турнир беа добра проверка пред почетокот на новата натпреварувачка сезона и се надевам на добар почеток”, изјави Мојсов.
Иако Мојсов на своја адреса добива понуди за интернационална кариера, сепак, одлучува да ја прифати понудата на Прилеп.
,,Секогаш постои голем предизвик кога правиш трансформација, за мене од асистент кон главен тренер. Прилеп е екипата која ми ја даде шансата, а јас ја прифатив, немаше некоја посебна причина, едноставно лесно се договоривме со управата на клубот, ми се допаднаа амбициите и сите заедно сакаме да го издигниме клубот на едно повисоко ниво. Имав понуди за странство пред да ја потпишам соработката со Прилеп, но сакав да останам дома и да бидам поблиску до семејството”.
Ракометарите на Прилеп за ривали во регуларниот дел од сезоната ги имаат екипите на Еурофарм Пелистер, Вардар, Бутел Скопје, Голден Арт, Вардар Неготино, Пролет и дебитантот Мулти Есенс.
Мојсов е свесен за силата на ривалите, но се надева на добар пласман со неговите избраници.
,,Искрено, ние имаме тешка група и нормално секоја екипа во нашата група ќе цели кон пласман во плеј-оф фазата. Сепак, во нашата група имаме четири екипи кои низ сезоните се константно во плеј-оф натпреварувањето, ќе биде навистина тешко, гледам дека и останатите екипи го подигнуваат нивото на играта. На секој натпревар ќе се оди на победа и на освојување на бодови без разлика каков ривал имаме пред себе, поради тоа и тренираме и се натпреваруваме. Во нашата група го имаме актуелниот шампион, потоа двокраниот европски шампион и освојувач на Купот на Македонија, квалитетни ривали како Голден Арт, Пролет…ќе биде интересна сезоната”.
Новиот тренер на Прилеп смета дека за видливи резултати потребно е време и трпение.
,,Знаеме дека Прилеп сезонава започна од нула, се ослободи од неколку играчи, донесе нови и едноставно за добри резултати е потребно трпение. Не постои начин за 2 месеци да се има јасна слика. Треба време за воигрување и максимална посветеност. Ако сме победиле, тоа ќе биде со максимум, доколку сме изгубиле, пак тоа ќе биде со максимум. Во првото коло играме со Бутел Скопје и ќе дадеме сѐ од себе за со победа да ја стартуваме сезоната”.
Прилепскиот тим освен што има квалитетни и искусни домашни и странски ракометари, има неколку младинци кои имаат голем потенцијал да прераснат во врвни ракометари.
,,Прилеп има една генерација 2006, која е многу интересна. Имаме интересен голман, висок скоро два метри, потоа Филип Адамчески, десен бек кој ќе игра и ќе ја надополнува позицијата на искусниот Никола Цветаноски, тука е крилото Давид Трајкоски, тој има страшен потенцијал не само да биде добро крило во Македонија, туку потенцијал да биде европски крило, го имаме пивотот Антонио Бурчески, низа млади ракометари кои од моја страна имаат голема поддршка и сигурно ќе имаат шанса во Супер лигата. Имаме прва квалитетна постава и се надевам дека младинците ќе напредуваат на повисоко ниво за да можат да одговорат на потребите. Прилеп има свои таленти и мислам дека секој прилепчанец треба да биде дома”.
Мојсов е здоволен од условите во Прилеп, кој се очекува да биде еден од факторите во македонскиот шампионат.
,,Во Прилеп наидов на добра атмосфера, како што кажав, одлично бев прифатен од управата, играчите и моите помошници. Во клубот владее позитивна атмосфера, презадоволен сум од функционирањето на клубот. Прилеп прераснува во еден клуб кој сака да им се доближи на екипите од плеј-офот и клубот има европски услови за работа. Секак, еден ваков проект заслужува подобро, сите знаеме дека најголем проблем е салата, тренираме и играме во училишна сала, а во градот има две спортски сали кои не се на располагање”.
Прилепчани во првото коло на домашен терен во спортската сала при СОУ “Ристе Ристески-Ричко” ќе ги одмерат силите со Бутел Скопје.