Екипата на Прилеп оствари важна победа на свој терен против Астраион со 34:22 и остана во трка за првата позиција на табелата во плеј-аут групата во Супер лигата.
Ракометарите на Прилеп имаа одличен старт на натпреварот. Избраниците на Горан Кузманоски по неколку минути игра имаа водство од 3:1. Астраион се обидуваше во неколку делови од натпреварот да се врати во игра, но краткиот ростер и добрата одбрана на прилепчани беа причина за нивното заостанување од неколку гола.
По петнаесетина минути игра, Прилеп имаше плус четири разлика, 9:5. До првото полувреме, домашната екипа одржуваше константно водство од три до четири голови разлика, а на пауза резултатот беше 17:13 за Прилеп.
Во второто полувреме, Андоновски со својот четврти гол го зголеми водството на домашната екипа за плус пет, 18:13. Ракометарите на Астраион никако не можеа да фатат приклучок, а екипата на Прилеп рутински се одржуваше во игра до крајот на натпреварот. Во 40. минута , Прилеп имаше водство од 22:18.
За пет минути, Прилеп направи серија од 5:0, 27:18, а до крајот немаше многу време за оптимизам на гостите од Струмица. Прилеп во последните минути ја зголеми разликата и запиша победа со плус 12 гола разлика.