Ракометарите на Прилеп после победата в петокот во Скопје против тимот на Работнички и на домашен терен успеаја да забележат триумф, овој пат против составот на Младост 1977 од Богданци со 41:32. Во натпревар во кој домашните покажаа далеку повеќе на крајот немаше никаков проблем за да се дојде до бодовите.
Гостите беа рамноправен ривал во првите неколку минути и на моменти беа во предност. Долго се играше постојано со тесен резултат и речиси да беше игра гол за гол во која ниту еден тим не направи поголема предност.
Сепак, после 10:10, домашните со три гола по ред се изборија за разликата со која и заминаа на одмор, а тогаш имаа водство од 14:11.
Во вториот дел до израз дојде поголемиот избор на ракометари, како и подготвеноста на домашните кои успеваа без проблеми лесно да го загрозуваат голот на гостите. Ракометарите на Младост не можеа да следат, па во финишот дури имаа и преголема негатива. Немаа можности да направат нешто повеќе така што рано се помирија со нов пораз.
Овој пат Младост си замина со пораз од 32:41 со што бодовите останаа во Прилеп. Воедно прилепчани полека, но сигурно најавуваат трка за висок пласман, а со играта која ја демонстрираа сигурно ќе имаат што да покажат и понатаму во шампионатот.