Тимот на Прилеп ја забележа првата победа во новата сезона од Суперлигата, откако славеше на незгодното гостување во Скопје кај составот на Работнички со пет голови разлика, 29-34.
Гостите водеа на стартот со 1-3, па 4-6, пред домашните да се ослободат од почетниот притисок и да заиграат подобро во нападот. Избраниците на Стојан Петрушевски со серија од три гола стигнаа до 7-6.
Во продолжение водеа и со два гола разлика, но сепак попуштија во финишот на полувремето, па прилепчани заминаа на пауза со водство, 15-17, откако погодија Бикоски и Чурлевски.
За само неколу минути во вториот дел избраниците на Горан Кузманоски се одлепија на плус 5, 16-21 и најавија дека бодовите ќе патуваат во Прилеп.
Домашните се обидуваа, но не можеа да парираат против мотивираните гости. До крајот само рутински беше одржана разликата и Прилеп се радуваше на првите бодови, откако победи со 29-34.
Најдобри стрелци кај победникот беа Чантурија и Бикоски со по шест голови, додека четири дадоа Рустамов и Трајкоски. Кај Работнички се истакнаа Ќосевски со осум и Атанасовски со шест голови.