По вчерашната победа над Радовиш, ракометарите на Прилеп остварија уште еден триумф на пријателските натпревари.
На домашен терен, избраниците на Горан Кузманоски го совладаа прволигашот Голден Арт со 32-30, иако во поголем дел од мечот гостите ја имаа предноста на своја страна.
Скопјани водеа и со плус шест, 6-12, но во финишот на полувреме прилепчани се вратија во мечот и намалија на минус два, 14-16.
Во вториот дел беше 19-19, па 22-22, но потоа домаќините со серија голови стигна до плус четири, 27-23, па лесно ја сочуваа предноста до самиот крај за конечни 32-30.
Овие две екипи ќе настапат и на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ што ќе се одржи од 31 август до 2 септември и ќе биде последна проверка на силите пред стартот на Суперлигата.