Екипата на Прилеп во спортската сала при СОУ „Ристе Ристески Ричко“ ги започна подготовките за новата натпреварувачка сезона. На првата прозивка, новиот тренер на Прилеп, Реваз Чантурија на своите избраници им ги претстави плановите за новата сезона, во која клубот ќе влезе со подмладен состав и повторно ќе се обиде да го задржи суперлигашкиот статус.
Изминатата сезона, Прилеп играше во плеј-аут фазата, откако по завршување на регуларниот дел не успеа да обезбеди пласман во плеј-оф групата. Прилепчани без проблем го обезбедија опстанокот во Суперлигата, но во однос на минатата сезона, клубот ќе претрпи големи промени во играчкиот кадар.
Како што е веќе познато, клубот освен довчерашниот тренер, Горан Кузманоски, го напуштија и десниот бек Хари Павлов, левите бекови Владимир Трајкоски и Даниел Андоновски, кружниот напаѓач Марко Трајковски и двајцата репрезентативци на Грузија, голманот Зураб Цинцадзе и левото крило Хазеин Рустамов.
Во прилепскиот состав остана и еден од најдобрите стрелци, левиот бек Давор Шокоски, како и организаторот на играта, средниот бек Мириан Гавашелишвили. Од помладите остануваат и Христи Бикоски, Стефан Лозаноски, Лео Дамчески, Никола Стојкоски…
Избраниците на Чантурија ќе одиграат неколку пријателски натпревари, а во периодот од 26 до 28 август, Прилеп ќе биде домаќин на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“. На овој турнир покрај домаќинот, ќе играат уште три екипи од Македонија – Струга, Скопје и новиот прволигаш Мулти Есенс, како и две екипи од странство – Дубочица од Лесковац и ПАОК од Солун.
Екипата на Прилеп во регуларниот дел од новата сезона ќе игра во групата А заедно со Вардар Неготино, Струга, Вардар, Бутел Скопје, Алкалоид, Охрид и Куманово. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата, додека останатите четири ќе се преселат во плеј-аут групата.