Пресуда за убиството на Денис Тот: Тројцата обвинети добија казна затвор од 52 години!

По два и пол месеци заврши судскиот процес за убиството на ракометарот на РК Бутел Денис Тот. Во основниот кривичен суд во Скопје денеска обвинетите беа прогласени за виновни, а дополнително треба да платат оштетата за семејството на Тот во износ од 26 милиони денари.

Судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, која го водеше процесот, ја објави пресудата и ги прогласи за виновни за кривично дело убиство тројцата претходно обвинети Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски.

Ѓоргиевски доби казна затвор од 18 години, исто колку и Левковска, додека Костовски доби казна од 16 години.

Судијката потенцираше дека се ценети сите околности. Отежувачки околности се степенот на кривичната одговорност и лишувањето од животот. За Ѓоргиевски и Левковска отежувачки околности се и тоа што повеќепати го удирале Тот. Но и неукажување на медицинска помош, ниту признавање на делото откако пристигнале лекарите.

„Обвинетите, на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал“, стои во обвинението.

Обвинетите негираа вина за делото убиство. Тие бараа да им се суди за тепачка. Тврдеа дека немале намера да го убијат Тот, ниту умисла.

Полномошникот на законскиот застапник предјави оштетно побарување за Игор Тот, Татјана Тот и Борис Тот, за сите соодветно, во износ од 9 милиони денари или вкупно 27 милиони денари. Судот го потврди барањето за мајката и таткото на Денис Тот, додека делумно го уважи барањето за братот на ракометарот и наместо 9 милиони, досуди обештетување од 8 милиони денари.

Случајот во јавност прв го објави порталот 24 Ракомет, по што следуваа низа конфузни соопштенија од институциите кои беа вклучени во овој случај, пред сè од угледни институции како клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и Министерството за внатрешни работи.

Откако ја демантираа веста за тепањето на хрватскиот ракометар, по притисок на јавноста и хрватските медиуми и институции, случајот имаше завршница на кривичен суд, а ниту еден од одговорните лица во институциите кои преку соопштенија даваа лажна слика до денес не понел соодветна одговорност, ниту јавно извинување.

Во периодот на хаотични изјави и различни дезинформации од институции за кои не  е дозволиво тоа, редакцијата на 24Ракомет беше под постојан притисок од јавноста, ракометните работници и членови на семејството на ракометарот, но остана на својата позиција во одбрана на вистината и гласот на народот.