Преспа со полн плен се враќа од Велес

Ракометарите на Преспа со победа ја започнаа новата натпреварувачка сезона во Првата лига, откако на гостувањето во Велес кај Борец забележаа победа со 31:23 (17:13) во натпревар од групата Б.

Двете екипи на овој натпревар настапија со речиси една постава, односно со 10 играчи, па така двајцата тренери немаа многу опции за овој дуел.

Екипата на Борец имаше одличен старт и по десетина минути игра дојде до водство од 6:1. Избраниците на Никола Ставревски успеаја да фатат приклучок откако дојдоа до еден гол негатива 6:5. Борец уште во неколку наврати беше во водство, најчесто водеше со еден-два гола разлика, а во последните десет минути од првиот дел Преспа го сврте резултатот во своја корист. По нерешените 10:10, гостите направија серија од 6:0, се одлепија на 16:10 и на полувреме заминаа со предност од 17:13.

Преспа во второто полувреме константно беше во водство. Борец имаше неколку шанси да се врати во игра, но во клучните моменти немаше лидер во својот тим кој ќе ја преземе одговорноста. Борец успеа само да изедначи на 19:19, додека во остатокот од вторите 30 минути, ракометарите на Преспа со неколку мини-серии започнаа да градат сериозна резултатска предност. Преспа рутински го приведе натпреварот кон крајот, дојде до убедлива победа и ја исполни зацртаната цел.

Најефикасни во победничката екипа беа Мартин Табковски со осум и Филип Шиклевски со седум гола. Во екипата на Борец се истакнаа Стефан Гугуталиев со шест, како и Александар Ристевски и Игор Јаневски кои постигнаа по четири гола во мрежата на гостинскиот тим од Ресен.