Преспа падна во Велес, Миленков броеше до 11

Ракометарите на Борец во рамките на 12. коло од Првата лига ја изненадија екипата на Преспа и на свој терен остварија победа од три разлика, 24:21. Ова беше втор пораз за екипата на Преспа во плеј-аут натпреварите.

Преспа во првите минути преку Мишевски и Шиклевски отвори со водство од 0:2. Ракометарите на Борец заостануваа со негатива од еден до два гола разлика во воведниот дел. Миленков беше носителот на промената кај домашната екипа и со својот втор гол во низа израмни на 5:5.

Малата криза во екипата на Преспа беше причина за пресврт на домашниот тим кој по првата половина од првиот дел имаше водство од 8:6. По 30 минути игра, Борец замина со предност од 13:12.

Работите започнаа да стануваат интересни во второто полувреме. Преспа израмни на 13:13 и започна да има своја контрола на резултатот. Со серија од 2:0, Преспа се одлепи на плус два разлика, 14:16, при истекот на 39. минута. Последните десет минути поминаа во знакот на домашната екипа.

Борец успеа да се врати во игра, израмни на 20:20, а потоа беше постигнат гол за 21:20. Гостите од Преспа паднаа физички во последниот дел и дозволија домаќинот да триумфира на натпреварот.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот на Борец, Кирил Миленков со 11 гола. Во екипата на Преспа, Филип Шиклевски беше најефикасен со седум гола.