Тимот на Астраион од Струмица ја оствари првата победа во новата сезона од Првата лига, откако славеше на гостински терен во Ресен со 27-24.
Беше нерешено на седум минути до крајот, 24-24, но домашните не реалзираа ниту еднаш до крајот. За разлика од нив струмичани погодија три пати преку Стојанов и Наков и успешно се одбранија од налетот на Преспа.
Астраион можеше многу порано да го реши победникот, водеше во повеќе наврати со по три разлика, но дозволи Преспа да направи пресврт и во 53. минута да поведе со 24-23.
Сепак во следниот период до крајот не примија гол, најмногу по заслуга на голманот Перовановиќ кој имаше15 одбрани. Струмичани во финишот на првиот дел останаа без Катранџиев, кој доби црвен картон поради трите исклучувања, но тоа не ги спречи да слават триумф.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Стојанов со девет и Наков со седум гола, додека кај Преспа по пет пати стрелаа Табаковски, Ќосевски и Леровски.