Во дерби натпреварот од Првата машка лига помеѓу „фенерџиите“ во Групата А, Борец беше подобар на гостувањето во Ресен против Преспа со 24:21.
Екипата на Преспа и покрај сите проблеми во клубот успеа да им парира на противниците во првиот дел, иако на моменти водството на ракометарите на Борец беше четири разлика, 9:5. Сепак, во последните десет минути од првиот дел, ракометарите на Преспа се консолидираа во своите редови и дојдоа на минус еден гол негатива, 10:11. Со вториот гол на Андоновски, Борец успеа да замине на полувреме со водство од 12:11.
Во второто полувреме екипата на Борец одржуваше предност од еден до два гола разлика. Домаќините преку Шабединовски и Даскаловски ја одржуваа својата екипа во игра. На десет минути пред крајот, Борец имаше водство од 21:19. Преспа имаше можност од пенал да се врати во игра, но обидот на Шабединовски заврши во стативата од горниот дел на голот.
Велешани во последните пет минути влегоа со три гола позитива. Ракометарите на Иванчо Ангелковски не успеаја во својот поход кон изненадување и мораа да го прифатат новиот пораз кој ги остави на дното на табелата во Групата А.
Најефикасни во Борец со по пет гола беа Јован Атанасовски и Антониј Андовски. Во екипата на Преспа најефикасни беа Николче Даскаловски и Теодор Христовски со по шест гола.