Секој четвртфинален меч е дерби меч. Шпанија и Норвешка одиграа еден таков, а двете репрезентации уште пред почетокот на СП важеа за главни фаворити за медал. Што поради ждребката, што поради игрите во групните фази, фаворитите се сретнаа уште во четвртфиналето и така во меѓусебен дуел одлучуваа кој ќе продолжи да се бори за медал а кој ќе си оди дома со празни раце.
Уште на стартот од мечот Шпанија покажа дека е поодлучна во намерата да продолжи во полуфинале. На Норвежаните како да не им беше доволна опомена пристапот и односот на нивните соседи Данска, во првото четвртфинале на денот. Ако можеа Данците да си дозволат да го потценат Египет, сега Норвежаните пред себе го имаа актуелниот европски шампион па таков луксуз не смееа да си дозволат.
Шпанија тргна фуриозно и од старт наметна ритам кој Норвежаните постојано го бркаа. Во напад ја искористија длабочината на норвешката 6:0 зона и воглавно преку пивот го загрозуваа голот на Бергеруд. Во одбрана почнаа со нивната карактеристична 5:1 зона, длабока преку целата половина на теренот. Силните норвешки бекови во полн залет лесно ја решаваа зоната и беа успешни во таа игра 1 на 1. Тоа ја примора Шпанија да се врати во зона 6:0 најчесто со Морос и Гвардиола на средината, во зависност дали ќе стигнат да се изменат од напад во одбрана. Во напад Норвежаните немаа добра соработка со пивот па така најчесто завршуваа со шутеви од 9 метри. Доплнителен хендикеп за норвежаните беше излегувањето од игра на Сагосен кој од некакви причини не можеше да го продолжи мечот.
Откако Норвежаните се спуштија поплитко во одбрана, за да го затворат шпанскиот пивот, проработија шпанските бекови. Рибера доста ротираше со своите бекови во напад и применуваше различни тактики. Еднаш напаѓаше со Даниел Душебаев како класичен лев бек, за да друг пат напаѓа со два средни бека, Ентрериос и Сармиенто, во комбинација со Кањелас. Во таа игра најопасна беше десната страна на Шпанците, каде заедно Алекс Душебаев и Македа со удари од 9 метри го полнеа голот на Норвежаните.
Воглавно се играше мошне брз ракомет со доста транзиции од двете страни. Бројот на напади што ги изведоа двете репрезентации беше доста висок, што им овозможи голем број на упатени удари и секако голем број на одбрани на двата голмани. Коралес се покажа како пресуден фактор на победата на Шпанците. Поради неговите одбрани Шпанија се одлепи на почетокот на мечот и во второто полувреме го запре силниот налет на Норвежаните во обид да фатат приклучок во мечот. Тоа им даде дополнителна сигурност на Шпанците.
Симптоматично е што за ваков дерби дуел, каде влогот е доста голем, толкав број на напади од двете страни, немаше многу исклучувања на мечот. Се играше фер и коректно и доста убаво за око. Шпанија сосема заслужено се пласира во полуфиналето, каде се среќава со Данска. Дали ќе биде поуспешна од уште една скандинавска репрезентација, останува да видиме.