ПРЕСИНГ: Поделеноста на македонскиот ракомет!

Загрижува поделеноста на македонскиот ракомет (општество) во ситуација кога нашата селекција губи, но и кога победува. Очигледно е создадена „лоша енергија“ во нашиот ракомет, која на првиот „кикс“ на големите натпреварувања ескалираше и ги „извади рогововите“и целата „валкана облека“ на површина. Поделеност во сите фази и нивоа, од спортски и ракометни фанови, до директни учесници и креатори на ракометот во нашата земја, поделеност врз основа на географска положба на градот од каде што доаѓа и клубот кој егзистира во истиот, а од кој наводно треба да се повикаат играчи за националната селекција, симпатизери на клубови кои се чуствуваат загрозено од некои нови ракометни субјекти, спортски работници од колективи кои биле или ќе бидат „оштетени“ во однос на заминување на играчи од нивните клубови итн..

Македонија го совлада стариот познаник (и „пациент) Алжир, убедливо со двоцифрена разлика, најголема во историјата, со најмногу погодоци на еден мундијал. Победа е победа, и, во ситуцаија во која се наоѓа  нашата селекција (и се што помина во првата фаза) не треба да се  релативизира или уште помалку деградира. Загрижува поделеноста на македонскиот ракомет (читај општество), на сите нивоа, понесени од личен или клубски интерес…..

Холандија потешко од очекувањата (имајќи предвид претходните натпревари, не според „минат труд“) го совлада Катар и остана во игра за четртфинале, Србија и Хрватска во своите најдобри изданија, недоволно за комплетна победа (Хрватска осови бод). Што е заедничко за овие три натпревари, па и за натпреварот на нашата селекција против Алжир?

Уште една потврда за влијанието на голманите и впечатокот за квалитетот на играта на едните или другите врз основа на луѓето кои стојат помеѓу стативите

Добредојдовте во мојата колумна ПРЕСИНГ, која за време на СП во Полска и Шведска   „се емитува“ на специјализираниот портал, 24 Ракомет

ПОБЕДАТА НАД АЛЖИР НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕЛАТИВИЗИРА И ДЕГРАДИРА

Македонската ракометна репрезентација никогаш не загубила натпревар од вчерашниот противник, селекцијата на Алжир. Традицијата продолжува, кога со најголема разлика и најмногу постигнати голови на еден натревар во нашата историја, го совладавме „помалиот“ (ракометно) африкански преставник. Селекција која е редовен учесник на големите настани, додуша од континент неконкурентен со европскиот, но Алжир не е неискусен тим. Затоа, не само поради тоа што е против Алжир, секоја победа на светско првенство е значајна и во никој случај не смее (и не треба) да се релативизира и, не дај Боже, деградира.

Македонија, не промени ништо во играта, барем што се однесува до тактичко-техничкиот дел, но се чуствуваше кај одредени играчи растеретеност, што донесе до поголема слобода и креативност во играта. Можеби, сето тоа беше производ на (не)квалитетот на противникот (ја знаеме онаа, ќе играш колку што ќе ти дозволат), каде што очигледно беше дека нивната зона немаше решение за индивидуалните квалитети на Талески, но и неможноста да „го решат“ Пешевски на „црта“. Алжир во голема мера „кумуваше“ на целосната слика со (пре)многу (не)изнудени технички грешки, со игра која не е на ниво на ваков тип на настани. Радува солидната партија на капитенот Митревски, на голот на нашата селекција, но уште повеќе треба да бидеме задоволни од „минутажата“, па и ефектот на младата „гарда“ македонски репрезентативци, кои, очекувано и најавувано за следните натпревари, ќе собираат драгоцено искуство.

Особено треба да се обрне внимание на Савревски, кој иако без многу можност и моментален квалитет да покаже нешто повеќе во делот на нападот, сепак, за македонски услови е „габаритен“ (различен од нашите први избори на таа позиција Јагуриновски, Серафимов и Велковски) и подготвен солидно да одговори на позицијата двојка, па зошто не и на тројка во нашата зона. Видливи се недостатоците во неговата игра како резултат на недоволното играње на високо ниво. Забележливо беше дека оние нај нај искусните играчи во поле беа без поголем мотив за надигрување, и минутите кои ги поминаа на терен, од аспект на важност на натпреварот, беа, во најмала рака, промашени.

МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ ПОДЕЛЕН ВО ПОБЕДИ И ПОРАЗИ

Загрижува поделеноста на македонскиот ракомет (впрочем и нашето општество не е во подобра позиција) во ситуација кога нашата селекција губи, но и кога победува. Очигледно е создадена „лоша енергија“ во нашиот ракомет, која на првиот „кикс“ на големите натпреварувања ескалираше и ги „извади рогововите“и целата „валкана облека“ на површина. Поделеност во сите фази и нивоа, од спортски и ракометни фанови, до директни учесници и креатори на ракометот во нашата земја, поделеност врз основа на географска положба на градот од каде што доаѓа и клубот кој егзистира во истиот, а од кој наводно треба да се повикаат играчи за националната селекција, симпатизери на клубови кои се чуствуваат загрозено од некои нови ракометни субјекти, спортски работници од колективи кои биле или ќе бидат „оштетени“ во однос на заминување на играчи од нивните клубови итн.. во ситуација кога македонскиот национален тим доживеа непријатно искуство или „непогода“, логично и во човековта природа е да ги „збие своите редови“ и со заеднички сили да бара „чаре“ за да се излезе на крај со истата.

Тоа во никој случај не значи дека нема или не треба да има критичка мисла, која треба да ги извади на површина проблемите, грешките за да може навреме да се поправат и корегираат.  Оти е за наше добро!

КАТАР, СРБИЈА И ХРВАТСКА ИГРАА ОДЛИЧЕН НАТПРЕВАР, ПРЕД ДА „СЕ РАЗБУДАТ“ ПРОТИВНИЧКИТЕ ГОЛМАНИ

Холандија, имајќи предвид играта и резулатите во првиот круг, настапи како фаворит над „четата“ на Валеро Ривера и за првпат на ова СП се соочи да игра под притисок на негатива изразена со 4-5 погодоци. Катар, без својота најголема ѕвезда Капоте, одигра очекувано добра одбрана, но постигна и доста погодоци „од надвор“ што му овозможи, во еден дел од натпреварот да има солидна предност и да го стави противникот пред сериозен испит.

Србија, во натпреварот „да се биде или не“ и пласман во првите осум (иако следи и натпревар со Холандија) одигра одлични 40 минути и ја имаше во свои раце судбината за конечниот исход. Србите, наводно, го сопреа Сандер Сагосен како главна алка на норвешкиот напад, но и постигнаа, неочекувано, голем број на погодоци од надворешните позиции, преку Џорџиќ и Орбовиќ. Пред  последната четвртина од натпреварот Србија имаше +4 (16:20) но не успеа да забележи триумф.

Хрватска против ракометниот „титан“ Данска, имајќи предвид (не)убедливата игра на досегашните натпревари, настапи како умерен аутсајдер, но со референца на екипа која, кога треба, знае да добие натпревар, дури ако е потребно и со голема разлика. Тоа најдобро го знае домаќинот Полска на едно од претходните големи натпреварувања. Одлично го стартуваа натпреварот популарните „каубои“, со препознатлив Дувљак на позиција „кец“ во делот на одбраната и Циндриќ и Карачиќ, како докажани титулари во клубскиот ракомет во нападот, создавајќи позиции за себе, но многу често за синоќа одличниот Шипиќ, на линијата од шест метри. Долго време Хрватска го диктираше ритамот, иако не го загуби натпреварот, сепак не успеа и да го „добие“ истиот, губејќи ги шансите за ¼ финале.

Холандија, Данска и особено Норвешка, долг период на вчерашните натпревари беа во подредена улога, „бркајќи“ негатива во однос на противникот, НО по којзнае кој пат повторно се покажа и докажа влијанието на голманот во ракометот како спорт. Имено, Равесберген, Бергеруд и Ландин, ги „преспаа“ првите полувремиња од натпреварите на своите селекции и не беа поддршката која се очекува. Тоа доведе противникот да постигне одреден број на голови, кои во еден период даваше впечаток на надмоќ и добра игра на „аутсајдерите“. Многу брзо во вторите периоди од натпреварите работите дојдоа на свое место….

Првенството влегува во фаза, каде што европскте селекции заедно со Египет се подготвуваат за она што следува. Вистинско ракометно уживање!

Горан Ѓоргоноски,

Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет За Секое Дете