ПРЕСИНГ: Македонија нема играч кој може и знае да игра за бековите и пивотот

Иако концептот на зоната која беше поставена е оправдана, се чини погрешен е изборот на играчи на клучните позиции, со претпоставка дека селекторот, со намера да го заштити и зачува свеж Талески не го постави на позиција на централен бранител, на местото на инертниот Маркоски, наоѓајќи му место во одбранбената формација на позиција преден играч, со цел нашиот тим да нема повеќе од една измена во фаза напад-одбрана (имајќи предвид дека Пешевски е класичен напаѓач и се менуваше со колегата Маркоски) против скандинавската филозофија на нашиот вчерашен противник. Филип Талески, со минорно искуство на позицијата на која беше поставен, на секое развлекување на зоната на една и друга страна или влегување на еден од крилните играчи или бековите на „втор пивот“, спротивно на основните начела на современата 5-1 зона, ја напушташе централната позиција на истата оставајќи го Маркоски или останатите наши играчи на „промаја“ во дуел еден на еден со физички супериорните Сагосен, Рајкинд и О’Саливен

Иако селекторот Лазаров, со својот победнички менталитет и самодоверба стекната од времето кога сеуште беше играч, со сите сили и најдобар состав го нападна фаворитот Норвешка, македонскиот национален тим „удри во ѕид“ и се врати во реалноста од претходното големо натпреварување. Во вториот натпревар од нашата група Холандија ни покажа како против Аргентина, и ги подгреа надежите за пласман во втората рунда.

Хрватска, со алиби на повредени играчи ја става под тепих резултатската и играчка криза на националниот тим во следните години, по заминувањето на Домагој Дувњак, а Србија по долга апстиненција на добри резултати на големите натпреварувања, конечно со странец селектор е на пат кон четвртфиналето.

Добредојдовте во мојата колумна ПРЕСИНГ, која за време на СП во Полска и Шведска   „се емитува“ на специјализираниот портал, 24 Ракомет

Норвешка ја декласира Македонија во дебитанскиот настап на СП во Полска и Шведска, и ја врати во резултатската и играчка реалност од претходното големо натпреварување. Дилемата, дали селекторот ќе тактизира или ќе се „удри гради в гради“ со големиот фаворит беше разјаснета уште пред натпреварот со изјава на Лазаров, а со внесување во стартниот состав на рековалесцентите Филип Талески и Никола Митревски беше потврдено на вечерашниот натпревар.

Македонија, како што најавив на претходната колумна, пред мечот со Норвешка, во фазата на одбрана постави зона 5-1, со изненадување на позиција на преден играч во името на Филип Талески и Никола Маркоски како централен бранител и „командант“ со зоната. Иако концептот на зоната која беше поставена е оправдана, се чини погрешен е изборот на играчи на клучните позиции, со претпоставка дека селекторот, со намера да го заштити и зачува свеж Талески не го постави на позиција на централен бранител, на местото на инертниот Маркоски, наоѓајќи му место во одбранбената формација на позиција преден играч,  со цел нашиот тим да нема повеќе од една измена во фаза напад-одбрана (имајќи предвид дека Пешевски е класичен напаѓач и се менуваше со колегата Маркоски) против скандинавската филозофија на нашиот вчерашен противник.

Филип Талески, со минорно искуство на позицијата на која беше поставен, на секое развлекување на зоната на една и друга страна или влегување на еден од крилните играчи или бековите на „втор пивот“, спротивно на основните начела на современата 5-1 зона, ја напушташе централната позиција на истата оставајќи го Маркоски или останатите наши играчи на „промаја“ во дуел еден на еден со физички супериорните Сагосен, Рајкинд и О’Саливен. Многу често во некои ситуации, нашата 5-1 зона се трансформираше во 6-0, губејќи ја смислата на стартната формација да се ограничат бековите и протокот на брза топка. Генерално, Македонија одигра многу лоша одбрана, продолжувајќи ја агонијата во овој сегмент, започната уште во подготвителните натпревари со Хрватска и Израел.

Очигледно, во моментов, со овој избор на играчи кои се во Краков, тешко ќе составиме зона која на централните позиции ќе може да се судри со посериозен противник имајќи предвид алтернативата во Младеновиќ или младиот Стојковиќ.  Нашите халфови на позициите 2 и 5 одиграа еден катастрофален натпревар, поставени неоправдано (имајќи предвид висината на играчите и габаритот) плитко, и на тој начин губејќи ги дуелите со бековите на притивникот кои напаѓаа со добар залет. Изненадување е изоставувањето од состав (освен ако не се работи за повреда) на младиот Павле Атанасиевиќ, високо потенетен ракометар кој може да се искористи на повеќе позиции во одбранбената формација.

Од друга страна нашиот напад, премногу статичен, предвидлив, со многу дуел игра каде нашите играчи немаа шанса со противничката зона, со манири од некое друго време, кога на позиција десен бек имавме играч кој заедно со пивотот можеше да ја реши било која зона во светот на ракометот. Накратко, ништо од новата филозофија на нашиот национален тим. Македонија, дефинитивно нема играч кој може и знае да игра за бековите и пивотот, оставјќи го Талески сам да создава позиција, носејќи се во ситуација упорно да „турка“ топка на „црта“, која противникот лесно ја освојуваше, постигнувајќи лесни голови. Филип Кузмановски е солиден клубски играч, со одлични физички предиспозиции, добар шут и антропологија која му дава право да игра на повеќе позиции во одбрана, НО Кузамановски дефинитивно не е играч кој ќе спроведе тактичка замисла на тренер или селектор, а во моментов доверена му е таа улога во националниот тим.

Од друга страна  веќе втор голем настан, Ѓорѓиев покажува дека нема капацитет да ја води играта, со провидна промена на правец на слаба страна и со физички предиспозиции кои не му дозволуваат да добие дуел со сериозен ривал. Неоправдано, огромна доверба од страна на Лазаров, на сметка на неколку играчи кои изминатите две години се „ускратени“ за искуството и задоволството кое го носи национаниот дрес.

За напомена е и втората тактичка варијаната која ја најавивме тука во нашата претходна колумна, нападот 7 на 6, како можност за повеќе топки за нашите пивоти, што одлично ја искористи дебитантот Петров, но и спуштањето во плитка формација на противникот што  го искористи Талески со неколку погодоци во вториот дел. Секако, тоа не е варијанта за долги патеки но е добра алатка за следните дуели со Аргентина и Холандија.

Вчерашниот пораз беше однапред вкалкулиран и очекуван, можеби не на така убедлив начин, за да ни ја размрда самодовербата која преку изјавите (кои сега делуваат смешно) на играчите се создаваше во јавноста. Пред нас се натпреварите со противници со кои смета(в)ме дека можеме да се надмудруваме и да очекуваме бодови за пласман во втората рунда. Затоа, што побрзо се заборави овој пораз и да се застане со двете нозе на земја, без да се сонува за достигнување на „норвешкиот начин на игра“, да се постават работите (играчите) на свое место со надеж за подобро утре.

Првенството штотоку започна!

ХОЛАНДИЈА ЈА ДЕКЛАСИРАШЕ АРГЕНТИНА И ГИ ПОДГРЕА НАДЕЖИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА МАКЕДОНИЈА ВО СЛЕДНАТА РУНДА

Во првиот натпревар од „Ф“ групата, од која дел е и Македонија, помеѓу Аргентина и Холандија, со доминантна игра на секој дел од теренот заврши со убедлива победа на „лалињата“ со убедливи 29:19. Тимот на легендата на светскиот ракомет, Штафан Олсон, составен од еден куп играчи кои настапуваат во бундес лигата, импресионираше со начинот на кој го практикува ракометот, пред се контролата на топката, техника на додавње, транзицијата од одбрана во напад и користење на целиот простор од шест метри за создавање вишок играч или постигнување погодок.

Нема да кажеме ништо ново, ако констатираме дека во голема мера нападот на Холандија зависи од најдобриот играч на најскапиот светски ракометен колектив, Лук Стеинс, кој веќе неколку години е при врвот на европскиот ракомет. „Малиот генерал“, иако многу често статистиката не го покажува тоа, ја прави разликата во играта, со одлична промена на правец, создава играч повеќе, а благодарение на феноменалната техника, карактеристична за скандинавските земји, топката најчесто завршува на крилните позиции каде што Шаген релаизира. Дани Бајенс од Хамбург и Каи Смитс кој во мометов игра во шампионот Магдебург (од јуни во Фленсбург) се останатите два играчи на бековските позиции, кои заедно со Стеинс создаваат неверојатно брза и технички одлично подготвена бековска линија.

Одбраната на Холандија на денешниит натпревар, стандардна 6-0, зонски поставена, без интенција да имаат премногу дуел игра, насочена блоковски и како поддршка на феноменалниот голман на германски Нордхорн, Барт Ревенсберген, кој со безмалку 20 одбрани „ги откажа“ аргентинците и ја однесе Холандија во втората фаза.

Аргентинците покажаа дека во многу зависат од „ракометниот Меси“, Диего Симонет, во игра со многу вкрстувања (дури и премногу), без конкретност кон голот и со (пре)многу технички грешки за една селекција која прифатила шпански систем на практикување на ракометот. Во одбраната, можеби и предоцна ја променија зоната од 6-0 во 5-1. Добра препорака за стручниот штаб на нашиот национален тим во надежите за пласман во втората рунда.

ЕГИПЕТ СО УБЕДЛИВ ТРИУМФ ГО РАСИПА ХРВАТСКИОТ СОН ЗА ¼ ФИНАЛЕ, СРБИЈА ГО ПРОМОВИРАШЕ ДОДИЌ НА ГОЛЕМАТА СЦЕНА И ЗАБЕЛЕЖА ПОБЕДА НАД АЛЖИР

Африканскиот ракометен гигант и без својата најголема ѕвезда, Омар Јахија, кој се повреди при крајот на минатата година, на убедлив начин го совлада еден од претендентите за висок пласман на ова СП, селекцијата на Хрватска со резултат 31:22. Со тоа, во голема мера ги намали шансите на „каубоите“ за пласман во четвртфиналето, имајќи предвид групата со која вкрстува во понатамошната фаза и потребата за пласман во нокаут фазата да се совлада големата Данска. Уште пред ова СП најавивме дека од Хрватска со многу проблеми во составот, поради повреди, не очекуваме големи работи и дека четвртифиналето е и повеќе од задоволителен успех. Египет покажа цврстина, и тактички добра поставеност, фокусирајќи се на одбранбената зона, каде што е физички доминантен, и каде има играчи кои играат на врвно ниво, поддржани на голот од поранешниот член на Еурофарм Пелистер, Хендави.

Србија, по повеќе години апстинеција и просечни резултати на големата сцена, конечно предводена од шпанецот Тони Џерона, има „и глава и реп“, мирна атмосфера во кај се знае „кој коси, кој вода носи“, висока зона, одлични голмани и тркачка дисциплина. Технички и тактички за едно ниво над денешниот противник, србите од почеток до крај го држеа натпреварот под контрола, промовирајќи го 19-годишниот Стефан Додиќ, на еден голем настан во сениорска конкуренција, како светла иднина на српскиот ракомет и играч околу кој во следните 10-тина години ќе се гради националниот тим. Зачудувачки е колку зрело игра Додиќ, имајќи предвид младоста и врвното ниво на самиот настан.

 

Горан Ѓоргоноски,

Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет За Секое Дете