Супер интересен меч можевме да гледаме помеѓу репрезентациите на Шпанија и Германија, во рамките на првото коло од втората фаза на СП. Меч со резултатски пресврти, исполнет со доста тактички надмудрувања како во одбрана така и во напад. Меч во кој голманите на двата тима имаа значителни улоги. Победи Шпанија, 32:28 и со тоа ги сведе шансите на Германците за пласман во четвртфинале само на теорија.
Шпанија го започна мечот со длабока одбрана, некаков микс од 5:1 и 3:2:1 зона. Предниот одбрамбен играч беше излезен речиси до центар на теренот, додека халфовите беа поставени доста блиску до левиот и десниот бек на Германија. Германските бекови делуваа доста статично и најчесто без прием во залет, со водење ја напаѓаа зоната. Имаа поинаков начин на кој ја напаѓаа шпанската зона, еден од бековите втрчуваше на линијата од 6 мтери, оставајќи игра 1 на 1 на преостанатите бекови. Исто така едно од крилата втрчуваше на пивотменската позиција, за да после неколку додавања повторно се извлече на својата позиција за да биде во позиција на шут на повратна топка од нападот. Шпанската одбрана правеше доста прекини во таа игра 1 на 1, Виран Морос како централен одбрамбен играч ги доби скоро сите дуели со германските напаѓачи. Брзата транзиција од одбрана во напад беше едно од главните оружја на Шпанците. Брзиот центар очигледно добро трениран и увежбан, функционираше доста добро. После примен гол шпанскиот голман ја додаваше на предниот одбрамбен играч кој веќе беше на центарот, левото крило во полн трк ја примаше топката после знакот за изведување и така во три потези на неколку пати ја решија германската зона. Интересно беше како после прекин од 5:1 се трансформираа во 6:0 се до следната можноста повторно да е постават во 5:1.
Во напад, водени од одличниот Ентрериос, ја напаѓаа германската зона најчесто со два полази. Едниот беше со втрчување на крилото на втор пивот, со што ги врзуваа германските халфови плитко на 6 метри да не можат да излегуваат агресивно на шпанските бекови, а другиот најчесто со поставување на пивотот на средина и преку вкрстувања на бековите доаѓаа во ситуација за гол.
Германија во одбрана со зона 6:0 се обиде да се спротивстави на шпанската репрезентација. Отсуството на двата централни дефанзивци од редовите на европскиот шампион Кил, Винчек и Пекелер, претставуваше ненадоместлив момент како на овој меч, така и во претходниот со Унгарија. После првичниот шок нападот полека се стабилизира и најчесто преку десната страна успешно ја решаваше шпанската зона. Десниот бек Хефнер и десното крило Кастенинг заедно постигнаа 13 гола. Таквата шпанска зона е доста физички захтевна, па неминовен беше падот во играта, што Германија знаеше да го искористи. Со неколку успешни напади ја примора Шпанија да промени и да се врати на 6:0 зона. Германските бекови во тој период имаа неколку успешни обиди, за да во продолжение направат неколку технички грешки, неколку промашувања, по што беа казнети од брзите шпански крил.
Кога го анализираме овој не смееме да ги заборавиме голманите на двата тима. Сите четворица во различни моменти од мечот беа едни од најзаслужните за резултатските серии и пресврти во текот на целиот меч.