ПРЕСИНГ: Време е оваа селекција да подели малку „ќотек“ во одбраната

Иако не е спортски, време е оваа селекција да подели малку ќотек во одбраната, тоа сме го имале од 2009-та наваму како практика против многу посилни селекции, со сериозни „топчии“ од типот на Паскал Хенс, Карол Белицки или Михаел Хансен. Јоно, Веле, Мите, Столе, Бранче, Жути знаеја да одиграат „на нож“, прикривајќи (не)квалитет или ограничен капацитет. Има Македонија и во моментов „јунаци“, само треба искра и плодна почва.

Норвешка е архивирана, а лекцијата е научена, така викаат од нашата експедиција во Краков. Наш следен противник е Холандија, земја која иако нема богата ракометна традиција, според начинот на кој го практикува ракометот (барем што се однесува до националниот тим) може да и позавидат и земјите на северот на Европа, кои всушност го „измислија“ и воведоа тој систем. Иран на Веселин Вујовиќ прикажа солидна (за нивни услови) ракометна партија против фаворитот Црна Гора и „спортска култура“ и ракометно искуство го делеа од сензација, Унгарија „спушти“ зона на 7 метри и на површина ги извади сите мани на „рибарите“,  Урош Зорман „докоторираше“ со неговиот научен труд на тема „Сите мани на Полска“, оставајќи го домаќинот без поскуваното ¼ финале на СП.

Добредојдовте во мојата колумна ПРЕСИНГ, која за време на СП во Полска и Шведска   „се емитува“ на специјализираниот портал, 24 Ракомет

ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ИГРАТА НА ЛУКС СТЕЈНС Е ГЛАВНА ЗАДАЧА НА НАШАТА ОДБРАНА

„Македонија на ова СП дојде со цел да ги победи Холандија и Арегентина“…. тоа е целта на оваа селекција која учествува на првенството во Полска и Шеведска, Норвешка беше само загревање и можност за проверка на нашите сили. Богами, скапо го плативме школото и проверката, губејќи еден од најважните играчи во нашиот тим, играчот кој тука во оваа колумна го најавив како пријатно изненадување во нашиот состав. Томи Јагуриновски, играч со шутерска рака која е дефицитарна во ракометот, со пристап на виситнски победник, технички солидно поткован и на секој натпревар „воинствено“ настроен е играч кој ќе недостасува во системот на Лазаров, имајќи предвид дека десните крила се неупотребливи на „таа страна“ на нашата зона. Но, кој го нема и без него се може. Сега знаеме дека Павле Атанасиевиќ, конечно, ќе биде во состав и секако дека ќе троши минутажа на таа позиција, без разлика што Савревски е веќе спакуван и тргнат на пат за Краков.

Претходно, по натпреварот од првото коло помеѓу нашите два следни противници на ова првенство, ја начнавме играта на нашиот денешен противник, презентирајќи неколку факти кои би ги заклучил и секој оној кој малку посериозно се занимава со овој прекрасен спорт. „Лалиљата“ имаат се што им треба за да имплементираат систем кој преферира брза игра, транзиција и голем број „лесни“ голови. Голман(и) на солидно, па и високо ниво, со 6-0 одбрана, компактна, блокерски поставена, не многу длабока, зона која функционира како зона, не оставајќи широк простор на противникот „да оперира“ еден на еден, бекови, релативно, ниски по раст, со НЕВЕРОЈАТНА техника за спроведување на транзицијата или играта на „брз центар“ и крила со скандинавски квалитети и карактеристики. Како дополнителен квалитет на оваа селекција може да се истакне и самодовербата со која настапуваат, котролираат топката, трансформираат играта од одбрана во напад, што и не треба да не чуди имајќи предвид дека дузина играчи, како што напоменавме и минатиот пат, настапуваат во екипи како Магдебург, ПСЖ, Нордхорн или Хамбург, т.е ракометари на кои не им недостасува искуство и квалитетни натпревари во текот на сезоната.

Како против таков напад?

Како никогаш мојата маленкост е во дилема, која зона треба да биде поставена, нашата традиционална 6-0 која последните 10-тина години се всади во нашиот идентитет или алтернативната 5-1 во повеќе форми? Сепак, мислам дека што и да одлучи Лазаров, основата на решението против вака технички дотерани селекции, е во пристапот и „борбената готовност“ на екипата. Да, на Македонија и недостасува агресивност, контакт игра, на моменти груба и на граница на дозволеното, како би можеле да надополниме врвен квалитет. Колку да сакаме спортот да „го носиме“ во зона на математички пресметки,иновации и научни филозофии, пристапот, храброста и компактноста на екипата е основа на се, барем во делот на одбраната. И секако тактичкта поставеност.

Ограничување (никако елиминирање) на Лук Стејнс, „малиот генерал“ од големиот ПСЖ, низок по раст, физички и технички одлично подготвен, со карактер на вистински воин, ќе биде нашата главна задача. Иако статистиката (која за жал во нашиот спорт сè уште прикажува само број на погодоци и е во најмала рака, скромна) не го покажува тоа, „лаљината“ во напад во голема мера зависат од неговата игра. ТОЈ е човекот кој ја организира играта, создава можност за бековите (кои не се високи и нема да не нападнат со шутеви надвор од 9 или 9.5 метри) и играч кој ги „вработува“ пивотите. Зона со подвижни играчи на централните позиции, како Талески и Павле Атанасиевиќ, па и Младеновиќ (за жал без Јагуриновски), поставени плитко, до 8.5 метри и компактно, имајќи предвид дуел играта на Стејнс, па и на Каи Смитс на позиција десен бек. Холандија нема практика да „разбива“ зони со класични шутери (имајќи предвид дека ги нема J ), најчесто „ја отвора“ зоната и преку пивот и крила реализира, а и кога има шутеви „од надвор“ тоа се најчесто преку Дени Бајенс и Каи Смитс во зоната од 8-9 метри.

Sasa Pahic Szabo / kolektiff

Затоа таму треба да сме густи, да анулираме игра со пивот, да ги „имаме на рака“ и да не дозволиме шут без контакт. За ваква зона можеби ќе треба да имаме и две измени во фаза напад-одбрана, што не е многу пријатно против селекција која негува брз стил на игра. Во секој случај, прифатлив ризик. Иако не е спортски, време е оваа селекција да подели малку ќотек во одбраната, тоа сме го имале од 2009-та наваму како практика против многу посилни селекции, со сериозни „топчии“ од типот на Паскал Хенс, Карол Белицки или Михаел Хансен. Јоно, Веле, Мите, Столе, Бранче, Жути знаеја да одиграат „на нож“, прикривајќи (не)квалитет или ограничен капацитет. Има Македонија и во моментов „јунаци“, само треба искра и плодна почва.

ПИВОТИТЕ ЌЕ БИДАТ НАША „УДАРНА ИГЛА“, ВО НЕДОСТАТОК НА ДУЕЛ ИГРАЧИ

Нападот, иако во силна конкуренција со слабата одбрана на нашиот национален тим, е исто така крајно проблематичен. Холандија нема сериозан габарит во зоната, својствено на тоа нема да „трча“ да се тепа еден на еден со Кузмановски или Павле Атанасиевиќ, како единствени „дуел играчи“ во нашиот напад. Има солиден голман, висок и незгоден од крилните позиции, каде очекуваме Холандија да не насочува (без разика на нашиот квалитет на тие позиции) имајќи предвид реалната статистика и успешноста во ракометот од тие позиции. Жарко Пешевски и Костадин Петров, кој одигра солидно против Норвешка во ситуација 7 на 6, ќе бидат нашите „ударни игли“ во нападот, иако дегутантно е да темелиш тактика на пивоти, а притоа не си ја „отворил“ зоната со дуел еден на еден или со шутеви надвор од 9 метри. Доколку успееме да „протнеме“ неколку топки на пивот, вниманието на противничката зона ќе го тргнеме од Талески и Кузмановски или Павле Атанасиевиќ, тоа е шанса да дадеме гол „од надвор“. Петров покрај учество во играта 7 на 6, имајќи предвид пратијата со Норвешка, треба да добие шанса како „единствен“ пивот во нападот, а доколку има можност би било одлично да му се најде, барем на кратки патеки, место во нашата зона, на „плитка“ 2-ка или 5-ка.

Сепак, Македонија НЕМА дуел играчи од типот на Миркуловски и Мојсовски, да решаваат ситуациии, кога рака на срце, фокусот на секој наш противник беше на Кирил Лазаров, неговата „левица“ и „пас играта“ со пивот. Мала дигресија: Карапалевски е „досаден“ играч и во оваа ситуација би помогнал во една фаза од нападот. Но, популарниот Карапале го нема ниту на поширок список, и кога би го инсталирале сега во националниот тим, на кратки патеки тешко ќе може да помогне. Ако некој мисли дека е низок по раст, нека се врати погоре на оваа колумна во делот на „малиот генерал“. Карапалевски, Танковски, Ѓорговски и пивотите кои претходно ги спомнавме треба да бидат внесувани во тренажен процес со оваа селекција за да можеме да очекуваме од нив во иднина да можат да придонесат. Време е да селектираме карактер во ракометот (не само во националниот тим), а не само „суво ракометно знаење“ и антропологија. Спортот досега тоа многу пати го докажал…

Очекувам Павле Атанасиевиќ да биде „досаден“ во напад, тој е храбар, брз на нозе и доволно силен да ја пробие зоната. Колку ќе му се даде шанса и каков ќе биде резултатот, ќе видиме.

Македонија, според мене, повторно нема што да загуби на овој дуел, реалноста кажува дека Холандија со Штафан Олсон на клупата е во напредна фаза во однос на нас, има оформен ростер и систем на игра. Да се обидеме да ја однесеме играта „на наш терен“, со повеќе прекини, контакт игра стрплив напад да создадеме нервоза кај противникот и одиграме коректен натпревар. Во дуел на два врвни десни бекови од различни ери на ракометот, сега во улога на селектори нека победи помладиот J

ЦРНА ГОРА ПОБЕДИ, ИРАН ГО „УКРАДЕ“ ШОУТО

Црна Гора осовои важни бодови за пласман во следната фаза, но шоуто „го украде“ Иран, кој иако загуби, покажа завиден квалитет. Уште пред ова СП беше јасно дека играчите кои доаѓаат од оваа држава се физички одлично подготвени, имаат шутери и крила кои можат да трчаат. Нивната тактичка подоготовка, можност за акцептирање на советите од европските тренери,јазичната бариера, трпението во решавање на ситуациите во напад и константоноста се пробелм за скок во групата на најдобрите светски селекции. Сепак, Египет и Гарсија Парондо покажаа дека може поинаку. Црна Гора го има Бранко Вујовиќ, играч кој се профилира во сериозен шутер и лидер на тимот, го има Симиќ на голот со константоност на која може да му позавидат најдобрите во светот на ракометот и има „вољни моменат“ за покривање на недостаоците на централните позиции во одбранбената зона. И, секако командант како Рогановиќ на клупата. Единствено што „паѓа во очи“ е учеството (активно) на Радојица Чекпиќ во играта во напад, имајќи предвид тоа што го покажа на претходното натпреварувања, многу е „тивок“ и не правзема одговорност. Очекува(в)ме повеќе.

© Sasa Pahic Szabo / kolektiff

ВИСОКА „ТАРАБА“ И МИКЛЕР ЗА ПРЕСВРТ И ПОБЕДА НА УНГАРИЈА ВО ДУЕЛ СО „РИБАРИТЕ“

Унгарија и Чема Родригес, како еден од многуте шпански тренери на ова СП, ја затвори и згусна зоната 6-0 со супер габарит на централните позиции, покажувајќи ги сите мани на Магнусон, Кристијансон и незаинтересираниот Палмарсон. Секако, и Миклер на голот со едно 10-минутно шоу. „Рибарите“ со овој пораз се носат во ситуација да мора да „ја добијат“ Шведска во следната фаза, за пласман во 14 финалето, каде реално припаѓаат. За потенцирање е ноншалантниот однос кон играта на играчите во нападот, премногу опуштено и неодговорно на моменти. Тоа му се удри од глава на Гудмундур Гудмунсон.

СЛОВЕНИЈА ПОКАЖА СЕРОИОЗЕН КВАЛИТЕТ ВО СИТЕ ФАЗИ ОД ИГРАТА, ПРОТИВ ДОМАЌИНОТ ПОЛСКА

Урош Зоран „доктотираше“ со научен труд „Сите мани на Полска“ на големите настани, декласирајќи го домаќинот и оставајќи го без 1/4 финале. Оние кој го познаваат од „играчки денови“ со еден куп европски титули на своите гради, начинот на кој го играше и разбираше ракометот, со скратен и продолжен курс кај Талант Дујшебаев, очекуваа дека Зорман на среден рок да ја врати „дежелата“ на старите патеки. Но, не. Со шест дебитанти, средни бекови „на претек“, Благотиншек и Мацковчек како столбови и Блаж Јанц како додадена вредност, Словенија, наспроти прогнозите покажа сериозен квалитет и во натпревар против „експертите“ утре ќе се бори за прво место во групата и сигурен пласман во 1/4 финале. Словенија, најголемата фабрика за средни бекови во Европа, толку блиску (географски и според популација), а толку далеку (според услови и систем на функционирање) од нашиот ракомет.

Зошто е тоа така?

п.с Само луѓе кои „живеат во облаци“ и организација на ниво на пиљара може да организира настан каде што во ист термин се играат ЧЕТИРИ натпревари. ИХФ продолжува со шоуто, сметката (ќе) ја плати ракометот…

Горан Ѓоргоноски,

Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет За Секое Дете