Денес Македонија ја чека борба за втората фаза, борба за продолжување на мундијалската еуфорија, борба за дополнителни натпревари, квалитетни, за „билдање“ искуство на толку многу оспоруваните млади играчи. Затоа што македонскиот ракомет не се само луѓето кои заминале во Краков, не се ниту тие што „закачиле патиките на клинец“, македонскиот ракомет се и нашите тренери и децата кои моментално тренираат во Богданци, Струга, Гостивар или Штип, младите македонски ракометари кои сонуваат (или треба да сонуваат) да го облечат дресот со националните бои, на кои треба да им профилираме нови ракометни идоли, за да останат во сала, зошто без нив како квантитет, со овие услови на работа....
Изминатите два дена (пре)многу се зборуваше и коментираше за двата, почетни, порази на нашиот национален тим, за високите разлики во погодоци, за играта во двата правци, за изборот на селекторот…. време е да се застане, на кратко, додека трае ова СП, да се анализира, да се остави да заврши самото првенство, потоа издржана критика и излегување „попаметни“ од сето ова. А, дотогаш, имаме уште еден екстремно важен и не помалку тежок натпревар, денешниот, со светските шампиони…..во фудбал..
Диего Симонет е главна карика на противничкиот напад, Ваинштајн е „досаден“, Москариело искусен, Масиел квалитетен, а Паркер еднонасочен. Португалија убедливо ја совлада „залетаната“ Унгарија на Чема Родригес, Словенија „се мачеше“ со „експертите“, а Полска, Црна Гора и Бразил тешко излегоа на крај со Саудиска Арабија, Зенленортски и Чиле.
Добредојдовте во мојата колумна ПРЕСИНГ, која за време на СП во Полска и Шведска „се емитува“ на специјализираниот портал, 24 Ракомет
БОРБА ЗА МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ, ЗА ДЕЦАТА КОИ СОНУВААТ ДА ИГРААТ ВО ДРЕСОТ СО НАЦИОНАЛНИТЕ БОИ!
Традиционално, и можеме да кажеме својствено на нашиот менталитет и разбирање на ракометот па и спортот воопшто, со секогаш (пре)високо мислење за сопствениот тим или национална селекција, Македонија изинатите два дена „експлодира“ од критики и навреди кон секој еден кој е дел од нашата експедиција во Краков. (Не)оправдано и премногу емотивно делуваат коментарите, дури и на малку поупатените во нашиот спорт, делејќи лекции и барајќи „глави да летаат“.
Ништо невообичаено, откако америте го измислија фејзбук секој, ама баш секој може и треба да го даде својот „суд“ за тоа што се случува(ше) „таму долу“ на теренот во полски Краков. Но, мислам дека треба да се застане. Да се застане, не затоа што нема што да се каже или дека се е во ред (требаше да го вметнам зборот иделано, ама никако не одеше во оваа констелација на настаните), напротив, многу работи не одат, впрочем и негативната разлика (не толку бројот на освоени бодови) го покажува тоа.
Денес Македонија ја чека борба за втората фаза, борба за продолжување на мундијалската еуфорија, борба за дополнителни натпревари, квалитетни, за „билдање“ искуство на толку многу оспоруваните млади играчи. Затоа што македонскиот ракомет не се само луѓето кои заминале во Краков, не се ниту тие што „закачиле патиките на клинец“, македонскиот ракомет се и нашите тренери и децата кои моментално тренираат во Богданци, Струга, Гостивар или Штип, младите македонски ракометари кои сонуваат (или треба да сонуваат) да го облечат дресот со националните бои, на кои треба да им профилираме нови ракометни идоли, за да останат во сала, зошто без нив како квантитет, со овие услови на работа….
МАКЕДОНИЈА ВЕЧЕРВА МОРА ДА ПОБЕДИ!
Прашањето е како?
Имавме можност да го следиме нашиот денешен противник, и имајќи предвид дека и тие поминаа како „боси по трње“ во претходните натпревари со значително поквалитетен противник, тешко може да ја одредиме силата на поединците. Секој што следи малку ракомет слушнал за Диего Симонет, пандан на Лијонел Меси во ракометот, човек од кој зависат многу работи во играта во нападот на Аргентина. Ракометарот на францускиот ракометен гигант, Монпеље заедно со својот клубски соиграч, пивотот Москариело и поранешниот голман на Баресолона, Масиел се оската на играчи на кој се базира играта на „гаучосите“. Од останатите играчи кои „трошат минути“ вредно е да се издвои десниот бек Ваинштајн, кој е многу „досаден“ играч, со низок раст, играч кој сака да ја пробие зоната и „бара“ 7 метри како би упатил удар на голот, и еднонасочниот Паркер, кој има одлични физички предизспозиции, кој може да скокне и упати удар на голот и толку.
Нема потреба повеќе да се зборува за противникот.
ЗОНА КОЈА ЌЕ ГО НЕУТРАЛИЗИРА „РАКОМЕТНИОТ МЕСИ“, ЗОНА 5+1 КАКО КРАТКОРОЧНО РЕШЕНИЕ
Македонија треба да се сврти кон себе, што може да поравиме, корегираме, „разбудиме“ или „освестиме“. Одбраната првенствено, се надевам без повредениот Маркоски, кој уште од стартот на првенството влече незгодна повреда на грбот, а последниот месец од регуларниот дел од првенството не играше поради скршен нос. Очигледно не е подготвен да одговори на предизвикот и тука нема ништо страшно. Дилемата не е дали да се ограничи Симонет, туку до кој степен. Лазаров се обиде комплетно да го ограничи Стејнс, и очекувано, не успеавме, но Симонет не е е Стејнс, од повеќе аспекти. Густа 6-0 (иако не гледам кој би можел во средина да покрие на позиција три и четири), 5-1 со „ново дете’ напред или ретко употребуваната, на кракти патеки 5+1 да го неутрализираме ракометниот (за аргентински услови, не глобално) Марадона или Меси.
Нападот, ќе мора да го убрзаме, во начинот на кој ќе функцинира, а не брзо да ги завршуваме акциите. Ако веќе нема друга опција, Ѓорѓиев можеби треба да почне натпревар, со Кузмановски на лев бек и нормално Серафимов на десен. Брза и подвижна бековска тројка, која ќе може да ја „шири зоната“, користејќи го целиот простор на шестте метри, овозможувајќи супер корпулентниот Пешевски да се постави и обезбеди добра позиција. Имајќи предвид противничката зона од физички аспект (не е Норвешка, а ни Франција) и прикажаното на првиот натпревар, Коки Петров треба да се врати назад во состав, за да имаме избор во 7 на 6 , но и уште една „корпулентна опција“ на позиција кружен напаѓач. Нека доведе тоа и до две или три измени во ситуација напад-одбрана. Важно е да имаме повеќе свежи играчи во ростерот, затоа што ова е трет натпревар за пет дена и играчите сигурно не во состојба како на стартот на првенството.
На тој начин, на одредено време, никако перманентно, ќе го имаме свеж Талески таму каде во моментов е најтешко, во одбраната на позиција четири и „заден“ играч на 5-1 или 5+1. Толку за овој натпревар, останатото е „чиста глава“ и мотив до плафон, за да се покаже дека бесправно сме ги критикувале. Би сакал да е така. Затоа што се работи за нашиот убав спорт, ракометот, македонскиот ракомет.
Среќно момци!
ФРАНЦИЈА Е ФИЗИЧКИ ПРЕЈАКА ЗА ОВАА СЛОВЕНИЈА, УНГАРИЈА ГО „ВРАТИ ВО ИГРА“ ИСЛАНД ВО БОРБА ЗА 1/4 ФИНАЛЕ
Словенија, по убедливиот триумф над Полска, можеби малку истрошена, технички и тактички одлично подготвена, без класичен шутер на бековските позции, се измачуваше со „специјалците“ од Франција, кои физички се супериорни и со многу поголеми селекции и кои очигледно, од најмали нозе, „природно живеалиште“ им е фитнес центарот. Франција делува физички моќно и за оваа фаза тое е повеќе од доволно. За влез во најдобрите осум или четири ќе треба нешто повеќе. Малку повеќе ракомет.
Унгарија на шпанскиот стратег Чема Родригес, оди како „ролеркостер“ и во играта и во резултатите, победувајќи го Исланд во второто, за потоа убедливо да биде поразена од незгодната Португалија, составена од многу играчи на бековските позиции, релативно ниски по раст, играчи кои умеат со топката и три супер моќни пивоти. По резултатите од вчера, сите три екипи од оваа група влегуваат со „само“ два бодови во следната фаза, што дополнително ја олеснува позицијата на домаќинот Шведска, на патот кон најдобрите осум.
Чиле, Саудиска Арабија, а особено учесникот во следната фаза од ова натпреврарување, Зеленорските острови, предводени од Љубо Обрадовиќ „скапо ја продадоа“ кожата и дадоа достоен отпор на фаворизираните Црна Гора, Полска и Бразил. Особено тоа важи за островската селекција, со ростер на играчи со одлични предиспозиции, надополнети со „цврстата рака“ на Обрадовиќ.
п.с Кога сме кај поддршката, кога се работи за националниот тим, нема компромис. Над 11.000 полски фанови на ракометот (и не само на ракометот) по „демолирањето“ на нивната селекција во дуелот со Словенија, и губењето на шансите да игра ¼ финале, на вчерашниот натпревар со аутсајдерот Саудиска Арабија до последно седиште ја наполнија салата во Катовице.
Горан Ѓоргоноски,
Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот „Ракомет За Секое Дете“