Имајќи предвид отсуството на нашиот национален тим, љубителите на ракометот своето внимание ќе го насочат кон следење на останатите селекции кои се пласираа во следната рунда, навивајќи за своите фаворити или „омилени“ репрезентации. За некој тоа е селекција од соседството, а ги има само две (од шест учеснички), во име на некое заедничко минато, дел се „поборници“ на скандинавците како филозофија на практикување на ракометот, а еден дел се наклонети на „победниците“ и многу често последнава декада ги поддржуваат „експертитте“ од Франција.
Заврши првата фаза од Eвропското првенство во ракомет, кое овој јануари се одржува во Унгарија и Словачка. Како ретко кога во минатото, иако самото натпреварување се одржува во две европски земји, вторaта фаза ќе продолжи без домаќинот на истото, што во една мера ќе се одрази на атмосферата на трибините, особено во Унгарија.
Но, и без Македонија.
Имајќи го предвид отсуството на нашиот национален тим, љубителите на ракометот своето внимание го насочуваат кон следење на останатите селекции кои се пласираа во следната рунда, навивајќи за своите фаворити или „омилени“ репрезентации. За некој тоа е селекција од соседството, а ги има само две (од шест учеснички), во име на некое заедничко минато, дел се „поборници“ на скандинавците како филозофија на практикување на ракометот, а еден дел се наклонети на „победниците“ и многу често последнава декада ги поддржуваат „експертитте“ од Франција.
Добредојдовте во мојата најнова ПРЕСИНГ колумна за ЕП во Унгарија и Словачка.
Следува втората фаза од ЕП, со две групи од по шест репрезентации, од една страна натпревари кои се за еден степен поквалитетни, од друга страна за пошироката јавност многу често (не)интересни, имајќи предвид дека ги нема момците кои ја претставуваат нашата Македонија.
АКТУЕЛНИТЕ НОСИТЕЛИ НА НАЈСЈАЈНИТЕ ОДЛИЧЈА ГОЛЕМИ ФАВОРИТИ ЗА ВЛЕЗ ВО ПОЛУФИНАЛЕТО
По формирањето на двете групи, кои се претходно делегирани, може да се заклучи дека групата „1“ во која со два бодови стартуваат селекциите на Данска, Франција и Исланд, додека без бодови стартуваат Хрватска и двете изненадувања Холандија и Црна Гора, е поквалитетна и е составена од репрезентации кои се прикажаа во подобро светло. Тука пред сè се мисли на двата големи фаворити, актуелните европски, светски и олимписки шампиони, Данска и Франција, кои релативно лесно „префрлија“ во следната фаза и со главни играчи кои имаа можност да бидат поштедени на одредени натпревари. Овие две селекции се големи фаворити за пласман во полуфиналето.
ХРВАТСКА Е СЛЕДНА НА „МЕНИТО“ НА ЧЕТАТА НА РОГАНОВИЌ
Ќе биде интересно да се види денес, на првите дуели од втората фаза од оваа група, до каде може да оди селекцијата на Црна Гора, дали, после Македонија и Словенија, ќе може да ја изненади и Хрватска, која, според информациите од Унгарија, ќе продолжи без Домагој Дувњак, убедливо најкорисниот хрватски ракометар последните години. Хрватска, користејќи го правилото за повик на неограничен број ракометари, на ова ЕП доведе многу играчи, состави и повеќе од солидна одбрана, која има и габарит и агресивност, сегмент кој ќе биде проблематичен за црногроските ракометари. Впрочем тука и ќе се решава натпреварот, имајќи предвид дека Црна Гора во својата зона ќе има мотив и агресивност за успешно да се справи со недоволно квалитетниот напад на „коцкаситите“.
КОЛКАВ Е „КАПАЦИТЕТОТ“ НА ЛУК СТЕИНС И КОМПАНИЈА ЌЕ НИ ПОКАЖЕ ДУЕЛОТ СО „ЕКСПЕРТИТЕ“
Исто така, уште на стартот ќе може да видиме до каде оди „капацитетот“ на дебитантот во вториот круг, момците на Лук Стеинс и Каи Смитс, во дуел со Франција, имајќи предвид дека „експертите“ се прва голема селекција со која ќе се судрат холанѓаните на ова ЕП. Гудмундур Гудмудсон, со Исланд успеа на крајот да го спречи феноменалниот Стеинс, со тактика на (не)дозволени средства, наметнувајќи игра со многу контакти и фаули на граница на дозволено. Франција е „најсилна“ селекција во светот на ракометот и Конан и другарите ќе имаат полни раце работа со „досадните“ Холанѓани.
ХАНСЕН ПРОТИВ ПАЛМАРСОН, ЛАНДИН ПРОТИВ ГУСТАВСОН
Натпреварот за ракометните „сладокусци“ е во вечерниот термин, помеѓу селекции кои играат феноменален ракомет, две зони 6-0 со слична поставеност и неверојатна транзиција. Данска е посикусна во моментов, со адут во Микаел Хансен и Никлас Ландин, но Исланд промовираше нови ѕвезди како 22-годишниот Гисли Кристијансон, предводени од Палмарсон и Густавсон.
СКАНДИНАВЦИТЕ „СЕ БУДАТ“ ВО ВТОРА ФАЗА, СО ХЕНДИКЕП ВО ОДНОС НА ШПАНИЈА И ГЕРМАНИЈА
Во другата група, групата „2“, се чини имаме селекции кои очекувавме да бидат во вториот круг, група која треба да понуди многу повеќе возбудувања во борбата за места кои ќе разигруваат за медалите. Германија со многу проблеми со откази пред ЕП, но и доста Ковид позитивни за време на истото. Шпанија со „ремонтиран“ состав, со Канелас, Гурбиндо, Македа и одлични крила и голмани, но без главната ѕвезда Дујшебаев, (не)очекувано е конкурентна за највисок пласман. Русија на ју-тренерот Петковиќ со многу „оружја“ на бековските позиции, во вториот круг пренесе изненадувачки два бода, пред фаворизираните скандинавски селекции Шведска и Норвешка, додека Полска со млад и симпатичен состав ќе се обиде да изненади и да собира искуство за следното големо натпреварување.
ДУЕЛ НА ДВЕ ГОЛЕМИ СЕЛЕКЦИИ НА КОЈ ПОБЕДНИКОТ „СО ЕДНА НОГА“ Е ВО ПОЛУФИНАЛЕТО
На стартот во оваа група, ќе можеме да видиме колку Германија со многу проблеми на Ковид позитивни ќе може да продолжи успешно да настапува, имајќи предвид дека следуваат многу посилни селекции, а една од нив денес е Шпанија. Двете селекции стартуваат со два бода и можат да си дозволат еден „киск“ во оваа фаза, а, сепак, да се надеваат на полуфинале. Волф на една страна и Де Варгас и Коралес на друга страна очекуваме да бидат „фактор Х“ за победа на едната или другата.
СКАНДИНАВЦИТЕ МОРА ДА ПОБЕДАТ, ДАЛИ ЌЕ ГО ИЗДРЖАТ ПРИТИСОКОТ БЕЗ ПРАВО НА ГРЕШКА
Норвешка и Шведска, пред стартот на ова ЕП ги поставивме на позиција на медалисти, имајќи ја предвид „формата“ на претходните две големи смотри. Иако се пласираа во вториот круг, и двете селекции не импресионираа со своите настапи. Особено Шведска која е една од ретките селекции кои немаат големи проблеми со повреди и Ковид заразени. Норвешка има проблем со позицијата десен бек и уште пред ЕП со отсуството на поливалентниот Јоханесен. Шведска во голема мера зависи од Готфридсон во два правци, но имајќи предвид дека и двете селекции не пренесоа бодови во втората фаза, сè освен победа, сериозно ќе ги одалечи од можноста да се борат за медалите на ова ЕП. Полска е млада и се чини недоволно искусна за изненадување против Норвежаните предводени од Сандер Сагосен, додека Велимир Петковиќ без класичен левак на десната бековска позиција и традиционално просечен квалитет на голманска позиција тешко ќе може да ја „пробие“ како од учебник поставената 6-0 на Швеѓаните. Русија има убава бројка деснораки бекови кои можат да „разбијат“ зона, го има Сергеј Косоротов, бисер на европскиот ракомет и има самодоверба од настапи во првиот круг. Дали е доволно за да се вмеша во борба за медалите, ќе видиме уште вечерва.
Горан Ѓоргоноски,
Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет за секое дете