Екипата на Ѓорче Петров беше организатор на турнирот „Ѓорче Петров Куп 2021“ кој се одржа од 19 до 21 август. Домаќинот го освои победничкиот пехар, откако во финалето беше подобар од вицешампионот на Македонија, Вардар.
Новиот проект во женскиот ракомет предводен од Оливер Димитриоски важи за еден од тимовите кој ќе се бори за првите четири позиции во новата сезона во Женската лига.
Амбициите кои беа најавувани при составувањето на екипата и почетокот на турнирот остануваат непроменети за натпреварувачкиот дел од новата сезона.
„Амбициите на нашиот клуб остануваат исти како и пред почетокот на турнирот, односно составување на конкурентен и квалитетен тим со кој ќе обезбедиме пласман на европска сцена во следната сезона“, вели Димитриоски за 24 Ракомет.
Планирано е турнирот во организација на Ѓорче Петров да стане традиционален, а ова издание беше причина на едно место да присуствуваат познати лица, поранешни играчи, селектори, сегашни и поранешни репрезентативки на Македонија.
На турнирот освен домаќинот, учество имаа и двете суперлигашки екипи од Македонија, Вардар и Деспина, репрезентацијата на Чиле, актуелниот шампион на Србија, Јагодина, како и екипата на Бор. Организацијата која беше на високо ниво и квалитетот на натпреварите ветува дека овој турнир може да добие поголем квалитет и внимание во наредните години.
„Ме радува констатацијата дека турнирот кој беше во наша организација беше организиран на едно високо ниво и со позитивни коментари од сите присутни учесници, како и од публиката која со голем интерес ги следеше сите натпревари. Наша идеја и цел е турнирот да прерасне во традиционален и секоја наредна година да имаме се поквалитетни и поконкурентни тимови од земјава и странство“.
Стратегот на Ѓорче Петров верува дека со составувањето на екипата и спојот на искусни и млади ракометарки е направен добар избор. За новата сезона, Ѓорче Петров ги ангажираше двете сениорски репрезентативки на Македонија, Симона Стојановска и Анастасија Николовска, како и останатите осум засилувања – Анастасија Белевска, Ана Марија Коларовска, Марија Николовска, Симона Василева, Сања Цветковска, Слободанка Кицеска, Ања Урбан и Наташа Антиќ.
„Составувањето на ростерот и одбирањето на играчи го започнавме уште во текот на минатата сеозна. Верувам дека направивме добар избор. Во екипата имаме неколку поискусни ракометарки околу кои ќе ја градиме нашата игра, но и млади и талентирани ракометарки кои поседуваат квалитет и имаат предиспозиции да станат одлични ракометарки кои ќе бидат име во македонскиот ракомет“.
Димитриоски е задоволен од настапите на неговите избранички на трите натпревари во рамките од турнирот „Ѓорче Петров 2021“. Време и простор за корекција на грешките до почетокот на новата сезона сеуште има. До самиот старт на сезоната, Ѓорче Петров ќе одигра неколку тест натпревари кои ќе послужат за подигање на формата и воигрување на екипата.
„Нормално, преку ноќ не се постигнува сѐ. Во овие три натпревари од турнирот имавме добри и лоши минути на теренот, што е многу нормално во оваа фаза од подготовките и момент кој ни дава насоки кои сегменти од играта да ги корегираме, а кои да ги доусовршуваме до почетокот на првенството. Имаме уште дваесетина дена до почетокот на сезоната и нив ќе ги искористиме за корекции и воигрување на екипата со неколку контролни натпревари“, смета Димитриоски
Женската лига би требало да стартува на 18/19 септември, а бројот на екипите што ќе се натпреваруваат ќе биде познат на 1 септември.