Екипата на Радовиш веќе стартуваше со тренинзите за новата сезона и се одработуваат на отворено. Како што налага протоколот така и се работи така што во моментов сè е според планот и оди според предвиденото.
Ракометарите ги извршуваат обврските зададени од тренерот Љупчо Мијалов така што се тренира според планот.
„Почнавме уште од понеделникот и според протоколот работиме на отворено. Нема да одиме надвор од Радовиш бидејќи ги имаме сите потребни ресурси за да можеме нормално да ги одработиме тренинзите и да можеме да се подготвиме најдобро што можеме. Имаме услови и за планинско трчање, па и ова ќе го искористиме во овој дел од подготовките. Воедно имаме и мултифункционално игралиште на кое можеме да работиме надвор така што засега можеме да работиме според планот“, вели тренерот на Радовиш, Љупчо Мијалов.
Засега не се направени тестови за коронавирусот, но се преземаат мерки за да може безбедно да се работи на тренинзите.
„Засега немаме направено тестови за коронавирус, но имаме апарат за мерење на температура и пред секој тренинг се проверува температурата на сите членови на стручниот штаб и на ракометарите. Досега сè е под контрола и ќе се обидеме да ги запазиме сите мерки за да нема никакви проблеми за време на подготовките и потоа за време на првенството“, изјави Мијалов.
Инаку, тимот на Радовиш планира во втората половина од август да почне со контролни натпревари, а во план се 5-6 средби пред стартот на сезоната.