„Пред да дојдам во Кометал ЃП не знаев каде е Македонија – морав да ја барам на мапа“

Репрезентативката на Бразил, Едуарда Аморим Талеска во интервју за ЕХФ се потсети на времето поминато во Македонија.

Ракометарката од Бразил во Македонија пристигна во 2006 година и три сезони го носеше дресот на Кометал Ѓорче Петров.

„Отидов во поголем тим во Сао Пауло во 2006 година, а потоа  го направив големиот чекор кон Европа. Тоа беше Скопје, беше поразлично од Бразил. Мислев дека таму нема да издржам долго. Мојот дом беше многу далеку, поточно 11.000 километри, но не бев сама, па почнав да се прилагодувам. Отсекогаш бев решена да одам до лимитот и бев одлучна да го направам тоа, без разлика на се”, изјави Аморим Талеска.

На Аморим Талеска и требаше повеќе време да се навикне на новата клима во Македонија, но и на тренинзите и натпреварите кои бараа повеќе физичка подготвеност.

„Ракометот во Европа е различен од оној што го доживеав во Бразил и тоа беше мојата прва лекција која беше научена на еден потежок начин. Мојата сестра секогаш ми велеше да бидам цврста, но сето тоа требаше да го почуствувам на моја кожа, во новo oпкружување, пред да го применам тој совет во пракса. Најголемиот шок што го доживеав? Ракометот. Самиот спорт. Во Македонија беше многу поразлично од Бразил. Беше побрзо и се бараше повеќе физичка активност, делуваше како нов спорт за мене. Структурата беше поставена на место и се беше организирано добро. Се што требаше да направите беше само да тренирате и трчате. Три години поминаа во мојот прв клуб во Македонија, Кометал Ѓорче Петров, и јас почнував и малку да се менувам. Луѓето беа топли, уживаа во животот, но јас бев целосно фокусирана на задачата дадена при рака-тоа беше да играм ракомет. Тоа е целата приказна пред да го запознаам мојот сопруг, Деан Талески”, додаде Аморим Талеска.

Поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров пред да пристигне во Македонија не знаелa апсолутно ништо за земјата на Балканот. Морала да отвора светска мапа за да ја пронајде новата дестинација во нејзината кариера.

„Еве една смешна приказна. Кога првпат дознав за Македонија, морав да ја барам земјата на мапата. Затоа, дури бев во Бразил стапувањето во брак со Македонец беше научна фантастика. Но, животот е полн со изненадувања”, заврши Талеска.

По распадот на Кометал Ѓорче Петров, Едуарда Аморим Талеска се пресели во Ѓер и со игрите во унгарскиот тим ја подигна и својата форма, а денес важи за една од најдобрите ракометарки на светот. Од следната сезона ќе ги брани боите на рускиот клуб, Ростов Дон.