Прв трофеј за новиот дрим-тим

Екипата на Колштад успеа во финалето од Купот на Норвешка да го совлада најголемиот ривал за домашната титула, тимот на Елверум, со седум гола разлика, 34:27.

Освоениот трофеј за ѕвездениот тим во обид беше прв во својата клупска историја.

Најдобар стрелец во финалниот меч беше членот на Елверум, Тобијас Грондал со десет погодоци, кои беа недоволни за поволен резултат на неговата екипа.

Колштад до освојувањето на првиот трофеј беше предводен од десното крило Сигвалди Гудјонсон. Исланѓанецот имаше одлична партија, постигна осум погодоци, додека Симен Лусе и Јанус Смарасон имаа по седум реализации.

Токму тројцата ракометари беа најзаслужни за големата победа на Колштад против норвешкиот учесникот во Лигата на шампионите.

Во Колштад следната сезона ќе пристигнат уште тројца репрезентативци на Норвешка. Дресот на амбициозниот тим ќе го облечат и Сандер Сагосен, Горан Јоханесен и Магнус Род.

Женскиот Куп трофеј во Норвешка го освои екипата на Вајперс Кристијансад, која во дуелот со Сола немаше големи проблеми, триумфираше со 30:23.