По големата победа над унгарскиот гигант Веспрем, ракометарите на Еурофарм Работник го запишаа првиот пораз во регионалната СЕХА лига. Поуспешен од македонскиот вицепрвак беше тимот на Загреб, кој славеше со 24-23.
Загреб отвори со водство со 3-1, но „фармацевтите“ со четири голови во серија поведоа со 3-5. Имаа момците на Стевче Алушовски и плус три, 4-7, со голот на Јотиќ по 12 минути игра. Но повторно се појави „црна дупка“ во играта на Еурофарм.
Тоа многу добро го искористија мотивираните домаќини и за седум минути погодија пет пати за 9-7. Сепак нашиот тим веднаш се врати во игра и израмни на 9-9. До крајот на полувреме се играше гол за гол и на пауза се замина со нерешени, 11-11.
По петнаестина минути во вториот дел избраниците на Вујовиќ се одлепија на 18-15 и веројатно помислија дека се е готово на овој дуел. Така не мислеа гостите и израмнија на 18-18. Еурофарм не реализираше во следните пет минути, но ниту домашните, па во последните десет минути беше 21-20.
Голманот на Загреб, Ашанин во финишот влезе во серија и запре удари на Вегар и Остроушко, па домашните на две минути до крај имаа водство, 23-21. Чаневски исто така одбрани на спротивната страна, па Маџовски намали на 23-22.
Последниот напад на домашните беше пасивен, но Мраковчиќ успеа да го најде патот до мрежата на Еурофарм и го даде одлучувачкиот погодок за 24-22. До крајот, македонскиот тим преку Остроушко од пенал само го постави конечниот резултат, 24-23.
Најдобри стрелци во победничкиот тим Шипиќ, Хорват и Мраковчиќ со по четири голови, додека кај Еруфоарм се истакнаа Јотиќ и Остроушко со по пет. Следен предизвик за битолчани ќе биде гостувањето кај Мешков Брест.