Ракометарите на Јехона на гостувањето во Скопје кај екипата на Шампион беа поразени со 31:28, во натпревар од 14. коло од Првата лига. На првиот меѓусебен дуел сезонава триумфираше Јехона со два гола разлика, 29:27.
Гостиварчани не се задоволни од делењето на правдата на овој дуел и посочија дека во иднина нема да играат на натпреварите, доколку бидат делегирани судиите Марко Огњановски и Дамјан Савиќ.
Исто така упатија критики и кон делегатот на овој натпревар, Бобан Мајнов.
Судиите на овој натпревар доделија три црвени картони и осум исклучувања за гостинската екипа.
„Во име на РК Јехона за вчерашниот натпревар меѓу РК Шампион – РК Јехона, објавуваме снимки од ситуации кај што многу сме оштетени од почеток до крај од судиите Марко Огњановски и Дамјан Савиќ со делегатот Бобан Мајнов. Во исто време бевме провоцирани дека не сме можеле ништо да направиме и дека како сакаат ќе судат, бидејќи тие биле главни и кандидати за меѓународни судии. Брука невидена, доделени осум пенали против нас, а еден за нас, а дозволија многу груба игра против нас…Им благодарам на моите играчи што издржаа психички за да не направат поголем инцидент, во кој што главни иницијатори беа судиите, па и делегатот. Ние како клуб јавно кажуваме дека овие судии повеќе да не ни судат – во спротивно нема да играме“, стои во соопштението на Јехона, односно тренерот на клубот Фари Селмани.
Видеата што ги објавија од Јехона може да ги видите на следниот ЛИНК.
Пред извесен период критика за судењето имаше и од женскиот клуб Кузман Вардар.