Екипите на Алкалоид и Голден Арт денеска го имаат дербито на есента во Првата машка лига, а овој дуел се игра вечерва од 19 часот во салата во СЦ „Борис Трајковски“.
И двата состави се непоразени во досегашниот дел од сезоната така што ова ќе биде дуел кој може да биде и на ниво на Супер лигата.
„Се надевам дека ќе биде така односно дека ова ќе биде средба на ниво на Супер лигата бидејќи според она што го покажаа и двете екипи во досегашниот дел од сезоната може да се очекува интересен натпревар. Немаме здравствени проблеми и очекувам да го покажеме најдоброто на теренот“, вели тренерот на Алкалоид, Љубомир Савевски.
Тој смета дека иако со денешниот ривал се единственит без пораз никој не смее да биде потценет во лигата бидејќи сите клубови имаат свој квалитет и постојано покажуваат напредување во формата.
„Не сме само ние и Голден Арт. Во нашата група и другите екипи покажуваат напредок во квалитетот. Јуниор Кисела вода е исто така квалитетен состав. Можеби тимовите на почеток не беа подготвени на највисоко ниво, но како поминува времето така сите покажуваат дека напредуваат“, рече Савевски за 24 Ракомет.
И тренерот на гостинскиот состав очекува ова да биде убава средба, а сигурно е дека нијанси ќе решаваат со оглед на тоа што двата состави добро се познаваат.
„Очекувам моите момци денеска да го дадат максимумот. Се подготвувавме квалитетно за овој натпревар. Сепак, на него гледаме како и на секој друг натпревар од лигата. Ова е обичен дуел бидејќи и после него продолжуваме со лигата и со новите натпревари. Ќе биде тешко целиот месец и ќе се потрудиме да извадиме максимум. Алкалоид е тим составен од младински и сениорски репрезентативци и на овој дуел е со улогата на фаворит. Ќе нагласам дека имаме свои адути, мотивирани сме и верувам во добар натпревар со многу борба на теренот, па оној што ќе биде подобар и ќе покаже повеќе нека победи“, вели тренерот на Голден Арт, Никола Матлиески.
Дел од ракометарите кои лани играа за Голден Арт сега се во Алкалоид, а тимот кој е гостин денеска имаше многу измени.
„Со оглед на тоа што имавме 14 нови ракометари на почетокот на сезоната и се соочивме со неколку повреди не беше лесно. На ниту еден од натпреварите не бевме комплетни, но постојано ја кревавме формата и ќе бидеме сè подобри и подобри како ќе одминува времето. Никого не го потценуваме, но и никого не го преценуваме и против секого ќе го дадеме максимумот. Како денеска така и на следните натпревари“, коментираше Матлиески за 24 Ракомет.
Ситуацијата е таква што победникот денеска ќе се најде во предност на табелата, а доколку средбата заврши нерешено тогаш останува истото позиционирање како и пред ова коло.
Натпреварот почнува од 19 часот. Судии ќе бидат нашите најдобри арбитри, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, додека делегат е Љупчо Јаневски.