Лидерот во прволигашкиот плеј-оф, Алкалоид, на гостувањето во Богданци кај Младост оствари лесна победа од 21:40, во натпревар од 5. коло и со новите освоени бодови се зацврсти на лидерското место со 37 бода пред второпласираниот, Голден Арт, кој моментално има седум бода помалку (31). Екипата на Младост останува на 5. позиција со 18 бодови.
Гостинот од Скопје во денешниот натпревар имаше противник по мерка, лесно доаѓаше во позиција за гол и водството кое го имаше во воведниот дел, 1:5, беше јасен патоказ како ќе се одвиваат работите на терен. Младост се обидуваше да биде достоен ривал, но ни по тајм-аутот на домаќинот, кој беше побаран во 8 минута, немаше резултатска промена. Избраниците на Љубомир Савевски по одличната партија во првите 30 минути, на пауза заминаа со убедлива предност од десет гола разлика, 10:20.
Резултатската предност на Алкалоид за неколку минути игра во второто полувреме беше зголемена на плус 17 гола разлика, 12:29. Домаќините сѐ почесто грешеа во нападите и до крајот на натпреварот влегоа во уште поголема криза. На десет минути пред финишот, Алкалоид имаше водство од 16:33, додека во завршниот дел, гостите од Скопје ја надоградија својата предност и од Богданци си заминаа со убедлива победа.
Најефикасни во победничката екипа беа Дарио Кофилоски и Михајло Костовски со по шест погодоци. Кај домаќините, Саша Михајловиќ беше единствен расположен, постигна седум гола во мрежата на гостите.