Наместо натпревари на терен, ракометните прволигаши заедно со кошаркарските второлигаши закажаа протест пред Владата пред неколку дена, поради процедурата за добивање ваучери кои им ги вети државата, но не ги реализира.
Сепак протестот нема да се одржи, бидејќи клубовите добиле уверување дека за неколку дена ќе биде решен проблемот.
„Добивме уверување од сите субјекти инволвирани во распределба на ваучерите дека во наредните 5-6 дена ќе биде решен статусот со ваучерите. За да бидат максимално кооперативни ракометните и кошаркарските клубови од втор ранг донесоа заедничка одлука мирниот протест да не се одржи во недела и да им се остави простор и време на инволвираните страни да ја завршат работата околу распределба на ваучерите. Доколку во предвидениот рок не се заврши целокупната постапка мирниот протест ќе го презакажеме за следниот викенд“, се вели во соопштението од клубовите.
Ракометната федерација на Македонија ги презеде обврските за подмирување на трошоците за официјалните лица за натпреварите во Првата лига со цел да се ублажи проблемот додека клубовите не го добијат ваучерите од АМС. Но, за прволигашките клубови и понатаму остана нерешен главниот финансиски дел поради пробблемот со ваучерите и нивниот следен потег беше прекин на натпреварите.