На првиот ден од натпреварите на Европското првенство, репрезентацијата на Холандија ја направи првата сензација, триумфираше среде Будимпешта против поискусната репрезентација на Унгарија со резултат 31:28.
Ракометарите на Холандија изненадувачки на стартот имаа водство од три разлика, 5:2. Унгарците никако не можеа да се вратат во игра по почетното нивно водство и во својата мрежа дозволуваа многу лесни погодоци од страна на Холанѓаните. По петнаесетина минути игра, резултатот беше плус четири позитива за Холандија, 9:5.
Носител на позитивниот резултат во редовите на Холандија беше Кеј Смитс, кој постигна пет погодоци во првата половина од првиот дел, додека неговите колеги беа на ниво во одбраната и рамо до рамо се бореа со поискусните ракометари од унгарската репрезентација.
Унгарците на осум минути пред крајот на првиот дел имаа негатива од 6:11. Пред крајот на првото полувреме имаше пад во играта кај холандскиот состав, па така домаќините намалија дел од негативата и на полувреме заминаа со минус три разлика, 10:13.
Со двата погодоци на Унгарците во првите минути од второто полувреме, водството на Холандија беше само гол предност, 13:12. Кратко траеше офанзивата од страна на Унгарија бидејќи во следниот период Холандија имаше плус четири позитива, 19:15. Во 40. минута, Холанѓаните останаа без Тен Велде, кој заработи црвен картон поради груб фал на Мате Лекаи.
Во моментите кога се кршеше резултатот, голманот на Еурофарм Пелистер, Мартон Секељ беше во свој елемент. Унгарија не ги искористи во целост грешките на својот противник и наместо да дојде до еден негатива, дозволи да има минус три, 18:21, на петнаесетина минути пред крајот.
Последните десет минути поминаа во егал завршница. Унгарија влезе во добра серија и во 53. минута намали на само еден негатива, 25:26. На четири минути пред самиот финиш, Лекаи израмни на 28:28, но Холандија постигна гол за водство од 29:28. Унгарија промаши во последниот напад, додека Холанѓаните реализираа за голема победа од 31:28. Играч на натпреварот беше Кај Смитс со 11 постигнати погодоци.
ЕП 2022 – ГРУПА Б (ТАБЕЛА)