Францускиот гигант ПСЖ со победа ја отвори новата сезона во Лигата на шампионите на домашен терен. По воведниот пораз од Веспрем, ракометарите на Раул Гонзалес славеа победа над полскиот вицепрвак Висла Плоцк со 37-33 (18-16). Ова се први бодови за ѕвездениот тим во трка за место меѓу најдобрите четири екипи во Европа, во обид да ја оправда својата улога и средствата кои катарските сопственици ги вложуваат во нив.
Иако противникот на хартија не требаше да зададе посериозни проблеми на домашниот состав, сепак по воведните 10 минути Висла Плоцк имаше три голови предност (6-3) и разликата ја одржуваше до средина на првиот дел. Слабиот процент на одбранети удари на Паличка и Грин само се надоврзуваа на играта во напад на ПСЖ. Сипжак беше светлата точка на овој дуел, а неговите прецизни удари и од линијата за седум метри и од игра го одржуваа домашниот тим во минимална предност во продолжение на првиот дел. Изненадувањето и резултатската контрола на гостите од Плоцк траеше нешто помалку од 20 минути, тајм-аут, серија од 4-0 и ПСЖ го презема водството и контролата над резултатот. ПСЖ имаше и три погодоци предност во финишот на првото полувреме, но гостинските ракометари не се предадоа и ја одржуваа неизвесноста на дуелот кој по првите триесет минути заврши со два гола предност за домаќините (18-16).
Второто полувреме започна ефикасно за двете екипи,Лука Карабатиќ го замени Сипжак на линијата од шест метри, но одличниот Полјак продолжи ефикасно да ги изведува седмерците. Во 35 минута невнимание во нападот на Висла и брз гол на Никола Карабатиќ ја најави доминацијата на ПСЖ до крајот на овој дуел.
Во средина на вториот дел, на секој гол на Висла, домашните ракометари одговараа со два, па до 45 минута предноста на французите достигна највисоки „плус седум“, 28-21. Кога веќе создаде висока предност во последните десет минути од натпреварот ПСЖ ја одржуваше високата разлика, која во 57 минута се врати на „плус шест“, 35-29.
Следуваше задоцнета реакција на гостинските ракометари. Во последните три минути Висла Плоцк намали три голови од високата предност, но одличните индивидуалци на ПСЖ не дозволија сензација во финишот. Конечниот резултат на семафорот во Париз покажа 37-33, победа за францускиот првак, во второто коло од Лигата на шампионите.
Сипжак ја предводеше листата стрелци со девет голови, а го следеше Стеинс со 6. Кај гостинските ракометари одличниот руски бек Косоротов постигна 8, го следеа крилата Перез Арсе со 5 и Ловро Михиќ со 4 голови
Францускиот првак има нова шанса, нов обид да се врати меѓу елитата во Лигата на шампионите на завршниот турнир во Келн, но за тоа ќе мора да покаже поквалитетна игра и посериозен пристап особено во одбраната.