Меѓународната Ракометна Федерација (ИХФ) и официјалниот снабдувач на топки „Молтен“ го претставија новиот модел на топка со која ќе се игра на претстојното Светско првенство за јуниорки ова лето.
Станува збор за топката „d60PRO“ смислена и направена така што нема да мора да се користи лепак. Уште пред три години ИХФ одлучи на претходното СП да тестира „ракомет без лепак“ со специјално дизајнирана топка, а целта ќе биде во иднина во сите натпреварувања под покровителство на оваа организација да се играат без користење на лепак. Сепак тогаш ситуацијата се одложи поради коронавирусот и одложувањето на сите натпреварувања.
Меѓутоа, „Молтен“ ја дизајнираше и произведе топката па на претстојниот Мундијал младинките ќе ја користат. Накратко таа е составена од материјал кој спречува топката да се лизга низ рацете и експресно впива пот.
Серијата има два модели – „d60PRO“ која ќе служи за големи натпреварувања и „d60“ за генерална употреба во три големини.