Довчерашниот тренер на Кастамону, Клаус Могенсен, кој го предводеше турскиот суперлигаш од почетокот на оваа сезона, па сѐ до крајот на јануари, во разговор за данската телевизија ТВ2 зборуваше за финансиските проблеми во клубот.
Данскиот стратег истакна дека ниту тој, ниту ракометарките не земале редовно плата. Многу често се случувало платите да доцнат по два до три месеци.
Најверојатно и поради таа причина беше прекината соработката на Могенсен со турскиот учесник во Лигата на шампионте.
„Во Турција е една сосема поинаква култура и некоја друга слика од онаа на која сме навикнати во Скандинавија. Во текот на сезоната само на неколку тренинзи можевме да тренираме 6 на 6. Тешко ни беше да тренираме на високо ниво. Во тимот имаме само 16 играчи, но две ракометарки беа повредени, имаат скинати вкрстени лигаменти. Клубот нема ниту младински школи, ниту втор тим, а нема ниту машка екипа. Платата за првиот месец ја добивме 30 дена подоцна, следната плата дојде три и пол месеци подоцна. Многу е тешко во три месеци без плата, особено за турските играчи, бидејќи тоа им е егзистенција. Тоа не е фер, не е многу спортски”, изјави Могенсен за ТВ2.
И покрај тоа што во Кастамону минатата сезона настапуваа неколку познати ракометни имиња како Јованка Радичевиќ, Милена Раичевиќ, Марина Рајчиќ… клубот не успеа да направи забележителен успех во Лигата на шампионите.
Слична е ситуацијата и во оваа сезона, во која турскиот шампион повторно покажува лоши резултати на европска сцена. Кастамону во досегашниот тек од сезоната во елитното натпреварување на 13 натпревари забележа само една победа и едно реми.