Во репрезентацијата на Македонија во неделата на ЕХФ недостасуваше левото крило, Дејан Манасков, кој поради повреда на коленото (операција на лигаментите) во следните неколку месеци е на принуден одмор. Долгогодишниот репрезентативец и интернационалец деновите ги минува во Скопје, комплетно фокусиран на рехабилитацијата. Сепак беше расположен да зборува за 24ракомет за својата ракометна приказна.
Постариот син на македонската ракометна легенда Пепи Манасков откри детали за себе кои се малку познати, со оглед на тоа дека последното интервју (во ваков облик) го имал во 2013 година. Ракометарот на унгарски Веспрем на 29 години најавува дека сега е во најубавите играчки години и дека има многу цели кои треба да ги реализира во иднина.
„Во моментов сум комплетно насочен кон рехабилитацијата. Главна цел ми е што побргу да почнам со главниот дел и со тренинзи и да се вратам побрзо и што е најважно комплетно здрав. Мотивиран сум и подготвен. Секое лошо за добро е! Ќе се вратам посилен. Сега сум во најубавите играчки години и си имам поставено цели кои сакам да ги исполнам – титула во Лигата на шампионите на клупски план и да играм со Македонија на Олимпијада – тие две работи ќе ми бидат доволни“, низ смеа потенцира Дејан Манасков.
Во саботното интервју Манасков зборува и за деновите минати во Металург, за преддоговорот кој го имал со Вардар, за конфликтот со „Комити“, причината поради која остана само една сезона во Рајн Некар Левен, како и што е она што му недостасува на Веспрем за да стигне до титулата во ЛШ… Репрезентацијата и турбуленциите кои ги донесоа промените на селекторите и промената на генерацијата…