Повозрасните љубители на македонскиот ракомет сигурно се сеќаваат на името на поранешниот македонски репрезентативец Иван Телепњев, а некогаш голема надеж на белорускиот ракомет.
По петнаесетина години тој се врати во Македонија и беше на посета во Богданци, каде што мина четири сезони од неговата кариера. Сега е слободен играч, откако му заврши договорот со белорускиот тим Гомел, а дали ќе заигра повторно за Младост останува да видиме.
Телепњев во Македонија беше шест години, од 2002 до 2008. Четири сезони настапуваше за тогаш многу силниот Младост Богданци, а потоа се пресели две сезони во Автокоманда и тресеше мрежи за Металург.
Во тоа време, во 2005 година доби и македонски пасош, настапуваше во еден квалификациски циклус за ЕП за нашата репрезентација, но по заминувањето од Македонија веќе не добиваше повици, бидејќи неговата кариера тргна во надолна линија. По Металург, четири сезони играше во Италија, по две во Касано и Мецокорона, па се врати во Белорусија и беше член на Регија и ГГК.
Се обиде да ја рестартира кариерата во полскиот Сласк Вроцлав, таму со успех играше две сезони, потоа една година и во израелскиот Рамат Хашарон, пред повторно да се пресели во естонската Полва Сервити. Потоа три сезони играше во белорускиот Гомел, каде што летово му заврши договорот.