Полскиот првак Келце преживува тешки моменти откако остана без главниот спонзор – компанијата ВИВЕ.
Ваквата одлука беше соопштена на денешната прес конференција, на која беше најавено и дека дел од играчите ќе мора да бидат ослободени од обврските.
Раководството на Келце веќе отвори сметка за донации на локален сајт, а планот е акцијата да трае во следните два месеци.
Планираната сума која би требало да биде собрана е 2.500.000 полски злоти, односно околу 560.000 евра.
„Сите ракометари веќе се согласија на намалување на договорите, нема што повеќе да се очекува од нив. Имаме дупка во буџетот од 2.500.000 злоти, па јавно ги повикувам сите оние кои се во можност да помогнат. Другата опција, ако не ги собереме парите, е да им дозволиме на најдобрите ракометари да си заминат, но тоа ќе значи и сериозно намалување на амбициите за следната сезона“, истакна Сервас.
Доколку оваа сума биде собрана, најавите од Сервас се дека ќе биде задржан целиот играчки кадар, но многу европски клубови веќе тргнаа по услугите на најдобрите ракометари на Келце – Карачиќ, Вулф, Душебаев, Каралек…