Полскиот Келце ги живее најтешките денови во својата историја, откако главниот спонзор пиварницата „Ломза“ реши да се повлече од клубот.
Финансиските проблеми на Келце може наскоро уште повеќе да земат замав, па така најголемиот број на играчи иако имаат долгорочни договори со полскиот шампион, сепак, со соодветна оштета можат да се преселат во другите европски клубови.
Моќните клубови како ПСЖ, Веспрем, Барселона…веќе покажаа интерес за неколку играчи од Келце. Според полскиот медиум „Спорт ТВП“, репрезентативецот на Германија, Андреас Волф, кој беше избран за најдобар голман на Светското првенство во Полска и Шведска, е голема желба на Веспрем.
Унгарскиот гигант моментално на голманската позиција на располагање ги има Владимир Цупара и Родриго Коралес, но најверојатно следната сезона за Коралес ќе биде последна во дресот на Веспрем, бидејќи голманот на Шпанија е блиску до договор со Динамо Букурешт.
Актуелниот европски шампион Барселона освен што е заинтересирана во своите редови да го донесе кружниот напаѓач Артем Каралек, раководството на каталонците го посакуваат и десното крило Аркадиуш Морито.
Полскиот репрезентативец Морито во последните неколку сезони е еден од главните играчи во екипата на Келце и доколку замине во Барселона, тогаш ќе го има првиот интернационален предизвик, со оглед на тоа дека во својата кариера настапуваше само во полскиот шампионат.
Освен Веспрем и Барселона, во потерата по играчите на Келце се вклучи и ПСЖ. Францускиот клуб, кој има најголем буџет во Европа, е на добар пат да го врати средниот бек Недим Ремили. Искусниот ракометар на почетокот на оваа сезона токму од ПСЖ направи трансфер во Келце.
Ремили беше прогласен за најдобар среден бек на Светското првенство во Полска и Шведска, откако имаше одличен настап за ,,триколорите”, со кои го освои второто место на Мундијалот.
Пред извесен период низ полските медиуми се појави информацијата дека актуелниот тренер на Келце, Талант Душебаев заедно со неговите синови Алекс и Даниел имаат понуда од ПИК Сегед. Унгарскиот шампион има доставено понуда и до Дилан Наи.