По три одиграни натпревари во групната фаза на Светското првенство почнаа проблемите за селекторот Данило Брестовац. Неколкумина ракометари се жалат на поситни повреди.
„Танкоски се жали на колено, Цветан Кузмановски има проблеми со грбот, Димитриоски и Крстевски со препона, а има и уште неколку поситни повреди. Медицинскиот тим има полни раце работа, но прават се што можат. Мислам дека сите ќе ги имам на располагање, а утре во 10 часот ќе знаеме кој ќе може да игра. Очекувам дека сите ќе бидат спремни за настап. Не се работи за нешто сериозно и не сакам да звучам како клише и само да се жалам, но мора да бидеме внимателни и да разбереме дека одиграа момците три тешки натпревари и телото не може секогаш да го издржи тој напор“, истакна селекторот Данило Брестовац.
Прашан дали планира нова промена во составот во пресрет на првиот меч од главната фаза против Словенија, селекторот само кусо потврди „ДА“.